Skip to main content

Изложбата „Живко Поповски-живот посветен на архитектурата“ во МСУ- прва сеопфатна презентација на делото на еден од највлијателните македонски архитекти

Оваа ретроспективна изложба е прва сеопфатна презентација на делото на еден од највлијателните македонски архитекти – Живко Поповски.

Темелена врз повеќегодишно истражување на проф. д-р Анета Христова – Поповска и проф. д-р Мери Батакоја, изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои за првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.

Сиот овој документарен материјал испишува една поубава стварност за нашите градови и го прикажува Живко Поповски како вистински вљубеник во архитектурата, кој го посветил сиот свој живот неуморно замислувајќи и проектирајќи архитектура со интимна посветеност. Дополнително, низ оваа изложба, архитектонската имагинација на Живко Поповски се разоткрива како исклучително комплексна и дијалектичка — со преокупации кои се протегаат од модернистичката универзалност до силната културна самосвест и длабоката грижа за локалните континуитети, од рациото на модерниот артефакт до ексцентричноста на ликовната интуитивност и постмодерната текстуалност.Неговата архитектура е жива форма — која, како и животот, е повеќегласна и постојано во еволуција.Кураторската поставка ја следи оваа полифонична траекторија низ шест тематски целини:
• ХОЛАНДСКА ЕПИЗОДА Архитектурата на отворенотo општество
• ФОКУС „ГТЦ – СОБРАНИЕ НА ГРАД СКОПЈЕ“ Урбархитектурата на дело
• АРХИТЕКТОНСКИ КОНКУРСИРефлексија на самоуправувањето во архитектурата
• ОХРИДСКА АРХИТЕКТОНСКА ШКОЛА За критичкиот регионализам и татковинските места
• НА СКОПЈЕ, СО ЉУБОВ! За градот што може(ше) да биде
• ОБРАСЦИ НА АРХИТЕКТОНСКАТА ИМАГИНАЦИЈА Авторски теми и семантички идиосинкразииНаместо линеарна биографија, изложбата се гради како простор на резонанци, каде тематските целини се прелеваат една во друга, претставувајќи го делото на Живко Поповски како траен потсетник дека архитектурата може – и треба – да биде и длабока авторска опсесија, и интелектуална позиција, а притоа и натаму да остане културен проект со недвосмислена јавна одговорност.

Од кураторите Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја

Поврзани вести