Skip to main content

Гледалиштето и седиштата во Театар Комедија ќе се реконструираат со донација од полската Влада

Театар Комедија

Директорот Дарко Спасов и амбасадорот на Република Полска во Скопје, Мариуш Бримора потпишаа договор за донација од полската Влада за реконструкција на гледалиштето и промена на седиштата во Театар Комедија. Останатите средства за заокружување на проектот ќе бидат обезбедени од Министерството за култура и туризам на Македонија и физички лица кои ја поддржуваат оваа благородна иницијатива, соошштија од Театар Комедија.

Полскиот амбасадор ја истакна важноста на културната дипломатија како мост за меѓусебно поврзување.

Важен дел од активностите на МНР на Република Полска е развојната соработка, во кој им помагаме на земјите и општествата во развој. Секоја година, амбасадите испраќаат предлози за проекти за помош до Варшава, од кои комитетот ги избира проектите кои ќе бидат имплементирани во дадената година. Само во 2024 година, полските амбасади на Западен Балкан имплементирале 17 проекти за помош во вредност од над 220 илјади евра, кажа Бримора.

Полскиот амбасадор рече дека средбата во Театарот Комедија е поврзана со фактот дека оваа година Амбасадата на Република Полска во Скопје добила средства за реализација на два проекти кои тие ги поднеле, од кои еден се однесува на токму на овој театар.

Директорот на Театар Комедија Дарко Спасов и Мариуш Бримора, амбасадорот на Република Полска во Скопје / Фото: Театар Комедија

Тоа е проект за ревитализација на театарскиот аудиториум, за кој полската помош ќе одвои 29.000 евра. Го потпишуваме договорот со театарот, кој претпоставува дека проектот ќе биде реализиран пред крајот на оваа година.
Уште повеќе сме задоволни што веќе претходно ја започнавме соработката со Театарот Комедија, кој во претстојната сезона ќе ја претстави претставата на водечкиот полски драматург Витолд Гомбрович „Ивона, принцезата од Бургунд”.
Се надеваме дека премиерата на оваа претстава, закажана за ноември тековнава година, ќе можеме да ја гледаме седејќи на новите седишта во реновираниот аудиториум. Мојата желба би била програмата на Tеатарот Комедија секоја година да вклучува претстава од полски драматург, изјави Бримора.

Поврзани вести