Skip to main content

Драмски театар Скопје објавува јавен повик за „Неделата на претстави од независната продукција“

Драмски театар Скопје ја продолжува традицијата на поддршка на уметниците од независната сцена. Преку Јавен повик објавен на веб страната на Драмски театар и на социјалните мрежи, театарот ги повикува уметниците да аплицираат за термин за изведба на претстава во продукција на независната сцена. Јавниот повик е отворен заклучно со 30 декември 2024 година.

Неделата на претстави од независната продукција ќе се одржи од 14 до 18 јануари 2025 година. По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на Јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.

Со поддршката на независната сцена Драмски театар иницира создавање на силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. „Неделата на претстави од независнта продукција“ е замислена како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти.

Публиката на Драмски театар од 14 до 18 јануари 2025 година ја има можноста да проследи и поддржи неколку представи од поновата продукција на независната сцена кои со својата разновидност ќе го збогатат редовниот репертоар на Драмски.

Поврзани вести