Skip to main content

Денеска ќе биде објавен добитникот на наградата „Роман на годината“

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ денеска во 13 часот ќе го соопшти романот што годинава ќе ја понесе титулата „Роман на годината“.

На прес-конференција, што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, ќе биде соопштено името на авторот и добитничкиот роман.

Наградата „Роман на годината“, којашто годинава се доделува по 27-ми пат, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител на наградата е Комерцијална банка АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам.

На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи, а жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), по направени неколку селекции одбра шест романи што влегоа во најтесниот избор за наградата.

Романите кои влегоа во најтесниот круг се „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Maкедоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“), „Три Марии: (роман – басма)“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

Минатогодишен лауреат беше романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

Поврзани вести