
На 16 јули во македонскиот Културно-информативен центар во Софија ќе биде изложена просторната инсталација „Архитектура на невидливото“ од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски. Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Зоран Пејковски, директор на македонскиот КИЦ во Софија.
Проектот ја конструира својата естетика преку тензии и дијалози: светло и темнина, трага и празнина, присуство и одложено појавување. Просторот не е сцена за човечкиот поглед; гледачот е учесник во сложена динамика на траги и одрази, каде секој момент на визуелно откривање се среќава со сопствената кршливост. Делата не нудат јасни одговори – тие создаваат континуирана состојба на интроспекција, повикувајќи го гледачот да го почувствува текот на времето, распадот и присуството како феномени што се истовремено материјални и концептуални, вели Петровски.
Во синтезата од стари и нови дела во овој проект се создава дијалог помеѓу акумулираната меморија и современите експерименти. Старите дела носат траги на време и процес, додека новите ги преиспитуваат истите теми низ радикални визуелни стратегии и материјални интервенции. Со тоа се создава своевидна тензија помеѓу вечните дуализми – трајноста и распаѓањето, помеѓу тоа што е заборавено и тоа што е во процес на појавност.
Филозофскиот тон на проектот „АРХИТЕКТУРА НА НЕВИДЛИВОТО“ е длабоко инспириран од деконструкцијата, постхуманизмот и онтологијата. Делата го преиспитуваат статусот на уметничката форма, субјектот и значењето, инсистирајќи на тоа дека секое физичко присуство е веќе одложено, “набљудувачот” е само дел од мрежата траги со што се надминуваат сите човечки категории, вредности, потенцијали… Во својата суштина, „ АРХИТЕКТУРА НА НЕВИДЛИВОТО “ е покана за медитација на кревкоста на постоењето, за дијалог со минливоста, но и за преиспитување на самата природа на визуелната форма и на присуството. Проектот не е само изложба – тој е онтолошка “операција”, поле на интеракција и свест, кој го поставува прашањето: што останува кога формата се распаѓа, а присуството се повлекува во сенката на времето, додава Петровски.
Изложбата ја претставува интензивната визуелна и филозофска рефлексија за минливоста, траги на времето и присуството на човекот во материјата. Во овој контекст, спојот на стари и нови дела не е само хронолошки пресек на авторската пракса, туку длабок и интимен дијалог меѓу различни онтолошки состојби.
Синтезата од стари и нови дела создава дијалектичка тензија: присуство и исчезнување, трајност и распад, меморија и момент. Тука прашината од минатото се среќава со сенките на иднината. Гледачот станува учесник во постојаното преиспитување на времето, материјата и субјектот, каде што секое дело не е само самостојна форма, туку дел од комплексна мрежа на траги и одрази.
Овој проект ја истражува уметноста како процес на континуирано трансцендирање во времето и просторот, каде што старото се обновува низ новото, а новото ја рефлектира сенката на старото, создавајќи длабока, емотивна и филозофска рефлексија на човечкото постоење, објаснува авторот.
Роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научно-истражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје.Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје. Од 2024 година, работи како советник конзерватор – реставратор за метал и дрво во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Истата година е избран за Вонреден професор по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

Македонски


