
Познатата анегдота поврзана со славниот писател Франц Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла е инспирација за новата уникатна сликовница „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (18 февруари) во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Сликовницата е објавена по повод 100 години од смртта на Франц Кафка. Станува збор за сликовница-омаж на најпознатата анегдота поврзана со Кафка. И покрај тоа што никогаш не е потврдена вистинитоста на случката и покрај тоа што постојат различни толкувања на околностите во кои се случила, со постојаното навраќање кон неа, таа стана неизбежен дел од биографијата на Кафка. Приказната во новата сликовница е дело на Александар Русјаков, за кого ова претставува свечено претставување во светот на литературата за деца на македонски јазик.
Русјаков, кој е попознат како автор за возрасни, изрази задоволство што имал можност да пишува за деца:
– Досега немам ништо напишано за деца, а тоа беше нешто што отсекогаш ми недостигаше. За мене најлесно е да пишувам книги, бидејќи сѐ друго во животот ми е тешко. Можам да пишувам што било за возрасни, но не бев сигурен дали ќе можам да напишам нешто за деца. Литературата за деца отсекогаш сум ја гледал како нешто најтешко, затоа што децата не можеш да ги излажеш. Тие примаат сѐ веднаш со срце и го доживуваат како вистина или лага. Не ми е важно што ќе кажат возрасните, туку што ќе мислат децата за книгата! Како писател, отсекогаш ми било предизвик да напишам дело за деца. Имав обиди кои завршуваа недовршени. Понудата од „Арс Ламина“ да ја напишам оваа сликовница ја прифатив без размислување и бев среќен што ја создадов, иако не е моја оригинална приказна. Се држам до наративот што се претпоставува дека го измислил Кафка. Во оваа анегдота, Кафка е малку едноставен за доживување, многу точен и прекрасен, но носи и мистична атмосфера, која ја има во неговите дела. Беше предизвик да го оттргнам Кафка од неговите мрачни светови и да го внесам во еден сосема поинаков свет, иако и таму постои темнина – луѓето меѓусебно не комуницираат – рече тој.
Во сликовницата Русјаков се држи до контурите на општоприфатената приказна, но со својот автентичен писателски израз, полн со лиричност и нежност, создава уникатно авторско дело, кое веруваме дека ќе стане ново омилено семејно четиво. „Девојчето и куклата што патува“ внимателно и метафорично зборува за минливоста на животот, за прифаќањето на загубата, за созревањето… а пред сѐ за љубовта.
– Поентата на сликовницата е дека љубовта не исчезнува, таа секогаш се враќа во нова форма. Со оваа мисла Кафка ја дава суштината на приказната, но и на животот. Сѐ што нѐ опкружува е создадено од љубов и љубовта не се менува, ниту во смрт. Ако љубовта исчезне, тогаш знајте дека тоа не е љубов – изјави Русјаков.
Уредничката на книгата, Бисера Бендевска, истакна дека анегдотата за Кафка и изгубената кукла е еден од литературните митови што, иако не се потврдени како историски факти, добиле свој сопствен живот и се вкорениле длабоко во колективната имагинација:
– Според некои сведочења, оваа анегдота ја актуализирала последната партнерка на Кафка, Дора Дијамант, и се случила во 1923 година, една година пред неговата смрт. Оваа анегдота го претставува Кафка како човек кој не сме го запознале преку неговите објавени дела, полн со нежност и сочувствителност. Самата анегдота за изгубената кукла сведочи за силата на раскажувањето, при што приказната, иако не ја враќа куклата, ја враќа надежта. Таа е пример за метафикција, раскажувајќи за самото раскажување и неговото значење во човечкото искуство.
На промоцијата во улога на девојчето од книгата беше младата Ива Мановска, која прочита делови од сликовницата.
Книгата е понудена и во специјално, ограничено пакување во форма на плик, со восочен печат. Во пликот, покрај сликовницата, има и шест разгледници од местата каде што патува куклата. Со ова се потсетуваме на една заборавена, но убава практика – да се праќаат писма и разгледници за време на патувањата.