Skip to main content

5. Отскочна даска: Деспина Сиљаноска од Прилеп избрана за најдобра, обезбеди настап на официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во МКЦ

Во кафе-книжарницата Буква во Скопје се одржа петтото издание на „Отскочна даска“, преднастан во рамки на Скопски поетски фестивал, наменет за млади поети.

На сцената настапија 11 учесници на возраст од 16 до 30 години, кои пред бројна публика ги читаа своите поетски дела. По гласање во два круга, самите учесници ја избраа Деспина Сиљаноска од Прилеп за најдобра, со што таа обезбеди настап на официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во Младински културен центар.

Од организацијата истакнаа дека ова издание било едно од најуспешните досега, со преполна сала и силна енергија на младите автори, кои се претставиле со сигурност и креативност.

Драги наши, ви благодариме што синоќа бевте со нас!

Ја посведочивме можеби најубавата „Отскочна даска“ досега!, велат од Скопски поетски фестивал.

Буква / Bookva беше преполна, а младите поети беа прекрасни на сцената. Беше вистинско уживање да се слушне и види начинот на кој ги интерпретираа своите песни, начинот на кој успешно комуницираа со публиката и се претставија како искусни поети со актерска умешност

На настанот читаа единаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 30 години. Бројната публика имаше можност да ги слушне: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова.

По читањето, самите поети учесници, со гласање во два круга, ја одбраа Деспина Сиљаноска од Прилеп како најдобрата меѓу нив, па таа ќе отскокне до официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и ќе настапи заедно со другите учесници во официјалната програма.

Фотографиите се на Диме Данов 🤍