Skip to main content

20. години Македонски КИЦ во Софија: Програма која не е само список на активности, туку визија за културна размена, соработка и пријателство меѓу македонската и бугарската култура

Оваа Програма не е само план, таа е платформа за меѓународна културна соработка. Македонскиот КИЦ во Софија се потврдува како жива, ангажирана и иновативна институција, која на интернационален план ја афирмира македонската култура и културната дипломатија, зближувајќи го регионот преку уметноста и дијалогот, вели Зоран Пејковски, диретор на Македонскиот КИЦ во Софија

Директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, Зоран Пејковски претставувајќи ја Програмата за работа на Македонскиот културно-информативен центар во Софија за 2025 година, во годината кога Центарот одбележува 20 години од основањето, рече дека програмата, не е само список на активности, туку визија за културна размена, соработка и пријателство меѓу македонската и бугарската култура.

Оваа програма се темели на досегашното искуство, но и амбициозно е свртена кон иднината, поттикнувајќи поширока промоција и афирмација на македонската културна продукција во Бугарија и пошироко во регионот, рече Пејковски.

Програмата меѓу другото опфаќа помоција на книги од македонски автори преведени на бугарски јазик, бидејќи, како што подвлече, книгата отсекогаш била мост меѓу културите.

Во 2025 година, Македонскиот КИЦ во Софија ќе продолжи да организира промоции на македонски автори, чии дела се преведени на бугарски јазик. Овие настани се збогатени со средби со: авторите, бугарски и македонски издавачи, литературни критичари и новинари, пред публика која што е заинтересирана за современата македонска книжевност. Целта е преку овие настани да изградиме книжевен и духовен дијалог, но и да го стимулираме интересот кај бугарските издавачи за нови преводи од македонската литература.

Учеството на македонските автори на фестивали и ликовни колонии во Бугарија ќе се реализира во соработка со реномирани културни институции во Бугарија, а Македонскиот  КИЦ во Софија ќе продолжи да учествува на: фестивали, ликовни колонии, поетски читања, филмски и музички манифестации.

Во 2025 предвидуваме учество на настани како: „SoFest“, „Софискиот филмски фестивал“, „Sofia Singer Songwriter“ фестивалот, Франкофонскиот фестивал во Созопол, Поетскиот фестивал „Орфеј“ во Пловдив, „Свето слово“ во Бургас и други манифестации, информираше Пејковски.

Во рамките на „Европска ноќ на литературата“- значаен настан, кој се одржува под покровителство на Европскатакомисија и мрежата ЕУНИК, Македонскиот КИЦ ќе претстави македонски автор чија книга е преведена на бугарски, на една од читателските локации низ градот, каде публиката е во движење и ужива во литература од различни земји.

Во 2025 планираме активно учество на автори и промоции на книги, во присуство на читатели, медиуми и претставници на странските културни центри во Софија.

Како дел од паневропската манифестација, „Европска ноќ на јазицитез“, Македонскиот КИЦ во Софија ќе го претстави македонскиот јазик како нематеријално културно наследство, заедно со уште дваесетина јазици. Настанот вклучува: читања од познати актери, музички перформанси, разни креативни активности за млади, промотивен материјал и интерактивни работилници.

Од ноември 2024 година Македонскиот КИЦ е дел и од иницијативата „Поезија во метрото“, каде поетски дела се прикажуваат во вагоните и станиците во софиското метро. Овој проект продолжува и во 2025 година, со нов автор и нова тема, видливоста на поезијата во секојдневието.

Во рамките на богатата програма за одбележување на 20 години постоење на Македонскиот КИЦ во Софија нема да изостане и претставувањето на културниот и туристичкиот потенцијал на македонските ооштини.

Македонскиот КИЦ во Софија ќе биде домаќин на презентации на културното и туристичкото богатство на општините: Кисела Вода, Илинден, Охрид, Битола, Новаци, Могила, Ресен, Велес, Петровец, Македонски Брод и други.

Преку изложби, концерти, презентации и дегустации, публиката во Софија ќе има можност да се запознае со локалната историја, култура, гастрономија и туризам, истакна Пејковски.

Во 2025 година, Македонскиот КИЦ во Софија слави 20 години од своето основање – јубилеј кој ќе биде достојно одбележан со низа настани како: гостувања на реномирани театри како НУ Народен театар-Битола, НУ Драмски театар – Скопје и други.

Научно-културна програма со предавања на реномирани научни истражувачи и академски професори: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Илија Велев од областа на медијавистиката, проф. м-р Роберт Велјановски од областа на театарската уметност и актерската игра, проф. д-р Митко Панов и проф. д-р Лилјана Гушевска со особен акцент на националната историја. Од областа наука за јазикот и литературна историја предавање ќе има проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Јани Бојаџи ќе говори за филмската, кинематографската и телевизиско-продукциската дејност, а за јазикот како нематеријално духовно наследство ќе говори м-р Александар Јорданоски. За дејноста на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и за афирмација на македонистиката во светот ќе говори проф.   д-р Кристина Николовска. Програмата предвидува и настапи на повеќе афирмирани научни истражувачи од различни области на науката, образованието и културата.

Програмата предвидува одбележување на 5-ти Мај, Ден на македонскиот јазик, со особен акценти на чествувањето на 80 – годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, чествување на 24-ти мај, Ден на сесловенските и македонски просветител, Светите Кирил и Методиј, 195 години од раѓањето на Григор Прличев, 195 години од раѓањето на Константин Миладинов, 125-години од премиерата на „Македонска крвава свадба“ одиграна во Софија 1900 година, 120-години од смртта на Христо Узунов, 90-години од раѓањето на Ташко Георгиевски, 90-години од раѓањето на Живко Чинго.

Особен акцент програмата има на афирмација на значајни културни институции како дејноста на НУ Завод за заштита на споменици на културата и Музеј-Охрид, информираше Пејковски.

Предвидени се изложби на еминентни ликовни уметници како Сергеј Андреевски и Миро Масин, изложба на Националната галерија, изложба на Експериментален цртеж на ДЛУМ, потоа на Детското ликовно студио „Мал Битолски Монмартр“ и други, Македонскиот КИЦ планира потпишување договори за соработка меѓу македонски и бугарски институции од културата, но и концерти на: музичкиот квартет на Пламенка Трајковска, Камерен концерт на Горјан Стојановски, пијано и Ева Живковска, сопран, концерт на Исмет Вејсели, Алба Зеќири и Шкељзен Бафтиари, музички рецитал на Горјана Стојановска, потоа Концерт на „Пијано Трио“ на Татијана Петрушевска, Концерт на групата „Баклава“, Концерт на „Димов Квинтет“, КУД „Дримкол“ од Вевчани, концерт на  Триото „Интерарт“, како и гостување на НУ „Танец“ и други, книжевни портрети на писателите Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Елизабета Шелева, Владимир Илиевски, Анде Јанков, Јордан Коцевски, Елизабета Питулкова и други.

Планираме потпишување на меморандуми за соработка и со македонски институции од културата, а иновација е нашата иницијатива за организирање на меѓународна конференција на која би присуствувале и директорите на Македонските културно-информативни центри во странство. Планираме да правиме Поетски театар, потпишување на меморандуми за соработка со 13-та општини од Македонија и многу други настани кои ја отсликуваат македонската култура, традиција и наука.

Оваа Програма не е само план, таа е платформа за меѓународна културна соработка. Македонскиот КИЦ во Софија се потврдува како жива, ангажирана и иновативна институција, која на интернационален план ја афирмира македонската култура и културната дипломатија, зближувајќи го регионот преку уметноста и дијалогот.

Медиумите се партнер, поддршка и афирмација на македонската култура во светот, за што искажуваме јавна благодарност, заврши Пејковски.

Поврзани вести