
Вчера околу 21.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градскиот парк во Скопје има огномет и не се почитува одлуката на Владата за седумдневна жалост.
Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и утврдено е дека во угостителски објект во Градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на М.Ф. (18) и М.Ф. (18), двајцата од Скопје бил запален огнометот. Тие се лишени од слобода и задржани во полициска станица во врска со чл 387 од КЗ, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти МВР.

Граѓаните вчера беа многу револтирани од огнометот што го видоа. Се прашуваат кому му дојде до огномет и забава во денови на жалост по загубата на 59 човечки животи во пожарот во дискотеката ,,Пулс” во Кочани. Според информациите до кои дојдовме, роденденската забава се одвивала во кафулето ,,Брик кафе парк” кај Градскиот парк, близу Кејот на Вардар.