Skip to main content

Притворот за Крешник Бектеши продолжен, Папазов и уште тројца во домашен

Притворот за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши продолжен за уште 30 дена – кочанскиот суд го прифати барањето на обвинителството и Бектеши останува зад решетки. Неговиот адвокат Еленко Миланов најави жалба на оваа одлука. За разлика од Бектеши, кочанскиот суд одлучи на поранешниот градоначалник на општина Кочани, Љупчо Папазов, ефективниот притвор да му го замени со домашен. Покрај Папазов, во домашен притвор по барање на обвинителството заминуваат уште три лица – поранешниот директор на државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, еден инспектор и еден член на обезбедувањето на дискотеката Пулс.

Основен суд Кочани:
Од страна на Судија на претходна постапка беа определени вкупно 24 мерки за обезбедување на присуство –притвор, од кои по изјавена жалба од осомничените преку нивните бранители изречената мерка притвор беше замената со мерка куќен притвор за тројца осомничени, а во понатамошниот тек од постапката по даден предлог на ОЈО Кочани за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор за четворица осомничени беше определена мерка куќен притвор.

Во домашен притвор се наоѓаат и другите двајца поранешни градоначалници на Кочани Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и ексдиректорката на Државен пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска. Другите поранешни министри за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири, исто така се во куќен притвор, додека за амбасадорот Дритон Кучи се изречени мерки на претпазливост. Во меѓувреме, судот во Кочани разгледува уште 12 жалби на осомничени за замени на притворите.  Од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пак денеска информираа дека полицаецот осомничен во истрагата кој вчера беше во бегство, утрово сам им се пријавил на надлежните органи. Станува збор за пензиониран полицаец од Штип, кој е еден од седуммината полициски службеници од Штип и Кочани кои вчера беа лишени од слобода. Сите тие се обвинети за предизвикување тешки дела против општата сигурност, а се сомничат дека со своите дејствија придонеле дискотеката Пулс неосновано да се стекне со лиценца за работа.  Истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани во кој загина 62 лица досега се прошири на над 60 физички и три правни лица, а истата ја води тим од 13 обвинители.

Поврзани вести