
Вчера околу 22:00 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на ул. „Јадранска магистрала“ во Скопје, го лишија од слобода косовскиот државјанин Р.Е. (24), соопшти МВР.
Како што информираат од македонската полиција, на Граничниот премин Блаце, додека царински службеник вршел преглед на неговото патничко возило „бмв“ со косовски регистарски ознаки, Р.Е. го стартувал возилото, го оттурнал и го влечел неколку метри царинскиот службеник со возилото, по што се дал во бегство кон Скопје.
Веднаш се преземени мерки и активности од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција и возилото е запрено, а лицето лишено од слобода. При тоа, извршен е преглед на теренот и пронајдена е кеса со марихуана, а во возилото е пронајден џебен нож. Р.Е. пријавил и дека додека бегал, фрлил кеса во која имало два пиштола. Р.Е. е приведен во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.

Македонски



