
Основното јавно обвинителство Велес денеска со соопштение до јавноста ги објасни детално сите постапки водени од страна на жртвата која вчера беше убиена во Велес против убиецот.
Жртвата повеќе пати го пријавувала убиецот во МВР и ОЈО, а Обвинителството има започнато постапки против лицето врз основа на пријавите од убиената.
Оттаму информираат дека Основното јавно обвинителство Велес на 10.04.2025 година против осомничениот поднело Обвинителен предлог за 2 настани:
Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година
Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.
Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес наредило и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнело дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.
На 10.09.2025 година, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрекло пресуда со која обвинетиот го огласило за виновен и му изрекол алтернативна мерка – условна осуда. Притоа со решение му биле укинати другите мерки на претпазливост кои биле на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата останала мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.
Оваа одлука на судот во Велес само што била примена во ОЈО Велес и обвинителството се уште немало можност да се произнесе по неа со евентуална жалба.
Во меѓувреме, на 21.05.2025 година оштетената го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитувал и продолжил да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18.05 се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес ја испитало оштетената и на 26.06.2025 година издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапувало.
На 25.03.2025 година оштетената го пријавила осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Р. Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари.
Иако настанот во обвинителството биле пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибавило медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот. Врз основа на тоа, обвинителството ја отфрлило кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува.
На 09.09.2025 година, оштетената дала исказ во ОЈО Скопје и се изјаснила дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот, стои во соопштенитето од ОЈО Велес.