
Правните мислења и толкувања од универзитетски професори, приложени од одбраната во предметот против судијата Ѓоко Ристов, немаат доказна вредност и не можат да влијаат врз одлуката на судот, оцени обвинителката Искра Хаџи Василева по денешното рочиште. На рочиштето одбраната презентирала материјални докази, меѓу кои и јазични толкувања и правни мислења. Хаџи Василева рече дека судот треба да одлучува врз основа на фактите и доказите изведени во постапката, а не врз мислења што се повикуваат на академски авторитет. Таа оцени дека нивното претставување како докази ја намалува правната култура, бидејќи тие не се доказен материјал и не го обврзуваат судот.
Бранителот на Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, информира дека одбраната се откажала од дел од предложените сведоци. Не успеале да стапат во контакт со нив, а процениле и дека нивните искази не би донеле нови сознанија во постапката.
Давидовиќ рече дека финансиското вештачење побарано од одбраната сè уште не е готово, но е во завршна фаза. Тоа опфаќа анализа на банкарските сметки на шест лица.
Осврнувајќи се на правното мислење на професорот Гордан Калајџиев, бранителот посочи дека одбраната го побарала за прашањето на правната квалификација на делото. Одбраната останува на ставот дека судија не може да биде опфатен со законското битие на кривичното дело „злоупотреба на службената положба“.
Постапката против Ристов е поврзана со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Од Обвинителството претходно соопштија дека средствата не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази. Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.
Хаџи Василева минатата недела беше избрана за шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Македонски




