
Во Хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, во периодот јануари-август произведени се 113.708.000 киловат часови електрична енергија, што претставува 43 отсто од вкупно планираното годишно производство.
Просечниот дотек на вода во овој период изнесуваше околу 32 кубни метри во секунда, додека дотекот од локалниот слив беше околу 15 м³/сек. Просечната кота на Дебарското Езеро во август беше 571,18 метри, со што е обезбедена резерва за производство на дополнителни 21.180.000 квч електрична енергија“, велат за МИА од ЕСМ.
Оттаму додаваат дека и покрај тоа што хидролошката година се оценува како сушна со дотeци под повеќегодишниот просек, АД ЕСМ вовела нов тренд на управување со хидро потенцијалите.
Намерата е преку целосна оптимизација на ресурсите за производство на електрична енергија и максимално штедење на акумулираните води, хидроелектраните да работат за покривање на врвниот дневен товар на енергија и за балансирање на електроенергетскиот систем на Македонија, нагласуваат од ЕСМ.
Оттаму посочуваат дека ова овозможува компанијата непречено да дава системски услуги, а истовремено да чуваат резерви за производство на електрична енергија во текот на претстојната грејна сезона.
ХЕ „Шпилје” заедно со ХЕ „Глобочица” го сочинуваат хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим”.