
Управата за јавни приходи денеска соопшти дека вкупно 59.681 даночни обврзници веќе поднеле МПИН пресметки за месец март, од кои 30.090 даночни обврзници веќе ги платиле МПИН пресметките за исплата на мартовската плата. До крајниот законски рок – утре, четврток до полноќ, се очекува уште 5.000 даночни обврзници да поднесат пресметки за плата за месец март.
-Управата за јавни приходи е во постојана и активна комуникација со даночните обврзници и сметководителите со цел да обезбеди навремено и успешно постапување по сите барања за реиздавање на кодови за идентификација потребни при поднесувањето на МПИН пресметките. Имајќи ја предвид обемноста на процесот, Управата за јавни приходи формираше тимови кои посветено работат за да го олеснат целокупниот процес. Особен акцент е ставен на даночните обврзници кои немаа поднесено МПИН пресметки. Кон овие даночни обврзници Управата за јавни приходи испрати и персонализирани пораки и оствари телефонски контакти со цел тие да добијат дополнителна поддршка и навремено да ги исполнат своите обврски, посочуваат од УЈП.
Ги потсетуваат даночните обврзници да направат проверка на своите профили на системот „е-Даночни услуги“ и да ги преземат кодовите кои веќе се изработени и се поставени на профилите и апелираат даночните обврзници кои сè уште немаат поднесено барање за издавање на код за идентификација тоа да го направат преку „е-Даночни услуги“.
-Како професионална институција која ги следи потребите на даночните обврзници, Управата за јавни приходи изготви видео-корисничко упатство (види линк https://youtu.be/dgra2ULgvgI). Упатството е визуелен водич кој ги објаснува сите чекори потребни за навремено подигнување и инсталирање на кодот за идентификација со кој ќе може да се поднесат пресметките за плата за месец март. Даночните обврзници кои имаат потреба од поддршка при процесот за инсталирање на кодовите да се обратат на контакт лицата назначени од Управата за јавни приходи. Приоритетната цел на Управата за јавни приходи е да обезбеди професионална, навремена и квалитетна услуга за даночните обврзници, со што ќе им го олесни процесот и ќе ги води низ него чекор по чекор, информираат од Управата за јавни приходи.