
Денеска сите трговци кои вршат трговија на мало треба да си ги спремат ценовниците. Тие од утре треба да бидат објавени на нивните веб страници, за да можат граѓаните да си проверат кој производ колку чини во секој маркет. Обврската важи и за аптеките и продавниците за техника и мебел, а произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи што стапуваат во сила на 18. месецов (петок) откако по нивното усвојување во Собранието и објавата во Службен весник на 4. минатиот месец Министерството за економија, во предвидениот рок од 45 дена, изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало.
Во Правилникот е наведено дека малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник).
Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Цените на стоките (тековната продажна цена, единечната цена, промотивната или попустната цена) за секој одделен продажен објект на трговецот се објавуваат на веб страницата соглaсно ставот (1) на овој член и ги содржат податоците утврдени во Прилогот, кој е составен дел на овој правилник, се вели во законското решение.
Доколку од страна на трговецот се нудат промотивни или попустни цени, на веб страницата на трговецот треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалувањето, како и времетраењето на промоцијата или попустот.
Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10:00 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.
Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари, бидејќи самите ќе можат да видат и да споредат во кој маркет има најниски цени. Ќе бидат подобро информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец – смета министерот за економија Бесар Дурмиши.
Тој, како што рече очекува, со оваа мерка во наредниот период дополнително да се намалат цените поради конкуренцијата.
Дурмиши рече дека трговците веќе ги знаат правилата по кои треба да функционираат овие Ценовници и досега немало реакции од нив. Контролата на законската обврска е на пазарниот инспекторат, а казните за трговците се движат до 10.000 евра.
Тој, сепак, потсети кои трговци ја имаат обврската.
Сите мали средни и големи трговци, односно маркетите кои продаваат основни прехранбени производи, овошје и зеленчук, и трговци кои продаваат средства за хигиена, трговци на мало со бела техника, со играчки, текстилни производи, со градежни материјали, алати и електрични апарати, односно сите трговци кои вршат трговија на мало имаат обврска имаат обврска да ги објавуваат цените. Исклучени од оваа обврска се само микро трговци, односно оние кои вработуваат до 10 лица – рече тој.
Значи ценовникот треба да содржи: назив на стока-производ (трговска марка, модел и слично), продажна цена со ДДВ, единечна цена по килограм, литар, метар, опис на стоката, достапност во продажен објект, редовна цена со ДДВ, промотивна цена или цена на попуст во проценти, вид на промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот.
Според Министерството за економија станува збор за израелски модел за контрола на цените на производите кој се применува во Израел, Италија, Хрватска.
Една од новите можности за контрола на цените, е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена.