
Заедно со Владата усвоивме два значајни закони, едниот предвидува ваучери за студентите од 250 евра за технолошки уреди, другиот зголемување на пензиите за 2.000 денари, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Ѓорѓија Сајкоски, на трибина на тема „Образование и социјална политика, ги градиме темелите на промените“ во Кичево.
Сајкоски посочи дека реформите се движат во сите сфери на општественото живеење и се носат закони кои се од клучно значење за граѓаните, како за младите со добивање ваучери за електронски уреди, така и за пензионерите со покачување на пензиите и овозможување достоинствен живот.
Тој на почетокот на трибината истакна дека Владата испорача многу за краток период, а воедно потенцираше и дека Собранието е двигател на реформите и заедно со Владата носи закони и реформски процеси.
Денеска се случија два важни настани: се донесоа два значајни закона, првиот е Законот за ваучери со кој студентите добија 250 евра, сите студенти без разлика на кој универзитет студираат дали приватен или државен ќе добијат по 250 евра за технолошки уреди. Со тоа сакаме на сите студенти да им дадеме еднаков третман за да ги следат технолошките процеси, меѓутоа и да учествуваат преку новини во градење на државата, нагласи Сајкоски.
На трибината тој истакна дека се гласа закон со кој пензионерите ќе добијат покачување на пензиите од 2.000 денари, за да можат безгрижно да ги поминат пензионерските денови, а воедно потенцираше дека ниту една владејачка гарнитура досега не успеала да го овозможи сето тоа.
За година дена и шест или седум месеци пензионерите ќе добијат седум илјади денари плус средства со што ќе можат да го поминат оној дел од пензионирањето безгрижно со внуците и со семејството, рече Сајкоски.
Тој исто така се надоврза и на делот од областа на образованието и социјалната политика истакнувајќи дека се реновираат студентските домови и се градат градинки за грижа за најмладите.
Во изминатиот период отпочнаа со работа девет градинки, во тек се три градинки, до крајот на годината ќе имаме вкупно изградено околу 11 градинки, се со цел да нема листа на чекање и секој да може да го остави своето дете и да не се грижи во тој дел, истакна Сајкоски.
Според него, се откочи еден важен процес за студентите.
Мислам дека до крајот на годината ќе биде завршено, двата студентски домови кои беа во катастрофално лоша состојба, а до крајот на годината ќе можат студентите да се сместат во тие студентски домови, рече Сајкоски на трибината.