Skip to main content

Ограничување на трговските маржи – начин да се запре дивеењето на цените

Се наѕира ли крајот на дивеењето на цените на прехрамбените, но и производите за хигиена и се она што е неопходно за нормален живот? Растот на цените по маркетите сосема ги излуде потрошувачите, кои во битката за пониски цени во неколку наврати и ги бојкотираа маркетите. Нивната апстиненција од пазарење во деновите кога се бојкотираше вроди со намален промет за големите маркети, но тоа како да не ги освести трговците кои очигледно не можеа да се откажат од високите профити, па како уште повеќе да ги зголемија цените, во обид да го надополнат прометот намален во деновите кога граѓаните не ги посетуваа.

Маркетите се обидуваат да ги „купат“ граѓаните со дневни или неделни акции кои долготрајно немаат позначајни ефекти, со оглед на тоа дека потрошувачите во трката да го санираат домашниот буџет, купуваа поголеми количини од производите на акција, па најчесто тие производи ги снемува од рафтовите со брзина на светлината, па не секој може да купи од нив. И така од ден во ден, од недела во недела. Дека дистрибутерите и трговците ги „дерат“ потрошувачите докажува и анализата на Државниот пазарен инспекторат која покажала дека кај трговците на мало утврдено е дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозници дистрибутери утврдени се повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.

Надлежните во обид да им помогнат на граѓаните во битката со високите цени, оформуваа потрошувачки кошници, кои имаа ефект додека траеја. Кога ќе престанеше нивната важност цените уште повеќе се зголемуваа. Увидувајќи дека укажувањата на трговците сами да ги намалат цените и да покажат доблест со намалување на профитите, не вродија со плод, Владата се реши за ограничување на трговските маржи на 10 проценти. Со оваа мерки Владата очекува да бидат вклучени над 100 групи на производи. Оваа мерка е предвидено да трае од денот на донесување, што се очекува да биде деновиве и да трае заклучно до 30.04.2025 година. Владата им препорачува на сите маркети да започнат процедура за транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа.

Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува едната на 10 и другата на 10 проценти и очекувам тука да има, се разбира драматично намалување на цените на оние производи коишто вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со друг тип на производи коишто се за хигиена, исто така и бебешката храна е вклучена. Така што од тоа што можев да го видам, гледам дека речиси е сѐ опфатено, она што граѓаните го користат. Инаку оваа мерка ќе важи до 30 април, за понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите – информираше вчера премиерот Христијан Мицкоски.

Владата донесе и заклучок маркетите да имаат свои интернет страници со производите што ги продаваат а во информациите да имаат и цени, како примена на странско искуство за информација пред излегување за граѓаните.

Дали тоа ќе има некаков ефект, тоа е пракса во некои од земјите во светот, ако во еден ланец маркети, еден производ чини Х парички, а во друг чини Х половина парички, тогаш како консумент јас ќе се под замислам од каде да го купам тој производ, но и тоа ќе создаде своевидна на конкуренција на едните со другите – вели премиерот Мицкоски.

Државниот пазарен инспекторат и министерството за економија правеше анализа на развојот на цените во маркетите во последните 6 месеци. Се работело на анализа на производите кои директно удираат по џебот на граѓаните. Се разгледувале цените на прехранбени производи, пијалаци, она што значи основни продукти за живот на едно просечно македонско семејство, тргнувајќи од септември месец наваму до месец јануари, како одат цените, како се движат маржите. Оние производи за кои се гледа дека од дистрибутерите и маркетите се работат со доста големи маржи, а тоа покренува и повисоки цени односно директно удирање по џебот на граѓаните и животниот стандард, треба да бидат корегирани, велат од Министерството за економија.

Истовремено донесен е и заклучок министерот за економија и труд да се координира со Комисијата за заштита на конкурентноста, Државниот пазарен инспекторат и да продолжат инспекциите, но и анализата за цените не само на храната, туку и на белата техника, а на крај анализа за реалната функционалност на мерката, којашто, се разликува од мерката на претходната влада – замрзнување на цените.

Мерката „ограничување на бруто профитна маржа“ во многу се разликува од „замрзнување на цени“. Во минатото се замрзнувале цените ад-хок, без комплетни анализи. Внимаваме не само да го заштитиме животниот стандард туку и да не правиме голема штета на бизнис секторот. Целта наша е со мерката која би се донела и следувала доколку донесе одлука владата денес-утре да го заштитиме пред се животниот стандард на граѓаните, а гледате дека проблемот со цените на храна не е само во Македонија туку е и во сите околни држави, би рекол европски и светски проблем. Идните предизвици на оваа влада ќе биде она што значи едно економско цунами кое беше создадено од економските кризи претходно и од едно недобро економско владеење претходно да полека тие бранови ги смируваме, дел со вакви мерки дел со одредени политики и законски решенија како што е Законот за нефер трговски практики што го донесовме, да ги стабилизираме на еден подолг рок. Повторно, во интерес на заштита на животот односно стандардот на граѓаните – вели заменик министерот за економија, Марјан Ристески.

Автор: Александрија С. Николовска

Поврзани вести