
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги предупреди граѓаните да бидат особено внимателни при купување станови, советувајќи ги да инвестираат исклучиво во веќе изградени објекти со уредна документација, со цел да избегнат ризик да останат и без стан и без вложените средства.
Тој оцени дека на пазарот на недвижности постои шпекулација и дека постои реална опасност дел од инвеститорите да не можат финансиски да ги довршат започнатите проекти.
„Сакам да дадам едно предвидување, мислам дека не е добро, но ред е да го кажам за да внимаваат оние што инвестираат, односно купуваат. Би ги советувал да купуваат готови, односно изградени станови кои можат да ги видат, кои се пред нив физички, со важечки имотен лист, во згради кои имаат употребна дозвола, затоа што има шпекулација на пазарот и ми е страв дека таа шпекулација може во еден момент да пукне, односно да ни се случи да има инвеститори кои не можат да ги износат проектите кои ги почнале. Мислам дека е фер ова да го кажам“, изјави Николоски.
Според него, Владата има ограничени можности за интервенција, бидејќи инвеститорите располагаат со локации, урбанистички планови, платени комуналии и важечки дозволи за градба.
„Но, доколку нема средства да го заврши објектот, може да настане проблем доколку граѓани купуваат станови кои не се изградени, кои физички не можат да ги видат“, рече министерот.
Николоски посочи дека постои јасна тенденција на пораст на цените на станбениот квадрат, особено во неколку поголеми урбани центри, што, како што нагласи, се користи шпекулативно бидејќи пазарот тоа го дозволува.
„Се работи за тенденција на поскапување која се случува во неколку урбани центри во државата, како урбаното јадро на Градот Скопје и на неколку други урбани јадра, пред сè Тетово, Штип, до некаде Струмица и Охрид, особено во деловите поврзани со туризмот. Истовремено, имаме друга тенденција – обезвреднување на имотите во остатокот на државата, што води кон продолжување на лошите трендови на централизација и празнење на помалите средини. Имаме внатрешна миграција од село кон град и од субурбани кон урбани средини и факт е дека тоа се случува. Дали тоа се користи шпекулативно? Да, се користи, затоа што пазарот тоа го дозволува“, изјави Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање за мерките за ублажување на растот на цените.
Тој оцени дека не може да се очекува ниту една мерка да доведе до намалување на цената на квадратниот метар станбен простор, нагласувајќи дека тоа е невозможно во актуелните пазарни услови.
Сепак, според него, можат да се преземат мерки за олеснување на пристапот до домување, особено за младите и социјално ранливите категории.
„Она што може да се направи е ослободување на младите од плаќање комуналии за изградба на куќи, обезбедување поевтино земјиште – нешто што веќе го прават повеќе општини – како и изградба на социјални станови за најранливите категории“, посочи Николоски.
Дополнително, тој истакна дека Собранието веќе ја разгледало одлуката данокот на прв промет на стан да остане на ниво од 5 отсто.
„Со тоа, колку-толку, се релаксира цената. Доколку данокот се зголемеше на 18 проценти, тоа дополнително ќе влијаеше врз апсолутната вредност на становите. Свесно се откажуваме од дополнителен приход за барем делумно да се влијае врз намалување на порастот на цените“, нагласи Николоски.

Македонски






