Skip to main content

Британскиот заем е поволен, но да се внимава на фискалните ризици

kevin-schneider-from-pixabay
kevin-schneider-from-pixabay

Стратешкиот договор со Велика Британија од 6 милијарди евра ќе ја продлабочи економската соработка со овaа земја и има суштинско значење за економскиот развој и интеграцијата на нашата земја во пошироките глобални економски текови, но од фискална и техничка гледна точка носи ризици да го зголеми долгот и да потфрли реализацијата на проектите, оценува Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс Tинк во денеска објавениот став за заемот од Обединетото Кралство.

– Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ваквите инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата – од една страна, тие го поттикнуваат растот на бруто-домашниот производ преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок – велат од Институтот.

Фајнанс тинк оценува и дека проектното финансирање со релативно ниски каматни стапки и грејс периоди, е поповолно во однос на алтернативните извори на финансирање на буџетските дефицити, како еврообврзниците.

Сепак, додаваат оттаму, од фискална гледна точка, ваквото отворено позајмување мора да се гледа во контекст на фискални ризици.

„Секое задолжување ќе влијае врз зголемување на јавниот долг, барем на краток до среден рок. Нема економска логика да се аргументира дека јавниот долг не би пораснал. Доколку проектите кои се предвидени да се финансираат се веќе проектирани во Фискалната стратегија, тогаш во најдобро сценарио, јавниот долг не би пораснал повеќе од неговата проекција во Фискалната стратегија, но тоа не неопходно значи дека тој би се намалува“, се наведува во анализата.

Институтот оценува и дека од технички аспект, реализацијата на стратешкото партнерство ќе се судри со нашиот капацитет за реализација на капиталните проекти. Досегашното искуство покажува дека ова е особена слабост на македонскиот систем – реализацијата на капиталните расходи секоја година е под проектираното ниво.

– Вклучувањето британска експертиза во планирањето и имплементацијата може да ги олесни домашните административни и технички тесни грла, што би значело повисок степен на реализација на проектите. Во таа смисла, за партнерството да даде брзи опипливи резултати, клучно е договорот да предвиди посебни механизми за адресирање на домашните административни тесни грла – на пример, преку заеднички координативни тела, поддршка за техничка експертиза или учество во директна имплементација на проекти. Но, помало вклучување домашни подизведувачи може да ги намали краткорочните ефекти од овие средства врз БДП – наведува Фајнанс Тинк.

Поврзани вести