
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија, Н.Е. г. Ола Сулстром.
На средбата беше потврдена досегашната добра соработка меѓу двете земји и изразен заеднички интерес за нејзино продлабочување, особено во делот на енергетиката и инфраструктурните проекти.
Министерката Божиновска го запозна амбасадорот Сулстром со клучните стратешки проекти на Министерството во областа на енергетската инфраструктура и енергетската ефикасност, како и со плановите за забрзување на енергетската транзиција. Таа посочи дека Македонија е посветена на модернизација на енергетскиот систем, зголемување на учеството на обновливите извори и подобрување на енергетската одржливост, што отвора можности за соработка со шведските партнери и компании.
Во фокусот на разговорот беше и можноста за искористување на Фондот за техничка документација (TDF), инструмент преку кој Шведска поддржува изработка на техничка документација за инфраструктурни и енергетски проекти. Досега македонски проекти не учествувале во овој фонд, а министерката Божиновска истакна дека учеството во TDF би можело да биде значајно за унапредување на проектите во областите на енергетската ефикасност, модернизацијата на инфраструктурата и паметните енергетски решенија со оглед на големото искуство на шведските компании и институции во овие области.
Тој истакна дека голем број шведски компании се заинтересирани за случувањата во енергетскиот сектор во Македонија и регионот, при што изрази желба да се поттикне поголема економска соработка – како преку присуство на шведски фирми во македонскиот енергетски пазар, така и преку настап на македонски компании на шведскиот пазар.
Амбасадорот Сулстром нагласи дека Шведска останува силен пријател и поддржувач на Македонија во процесот на евроинтеграциите и изрази надеж дека земјата ќе стане полноправна членка на Европската унија во најскоро време.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, со заедничка определба за интензивирање на билатерарната соработка и иден развој на партнерства во полето на одржливата енергија и зелениот развој.