
На значаен настан насочен кон понатамошно зајакнување на економските врски и соработката меѓу Грција и Cеверна Македонија, денес во Гевгелија се состанаа познати бизнисмени од двете земји, со цел унапредување на трговските односи, можностите за инвестирање и стратешките партнерства меѓу двете земји. Настанот, под наслов: „Женско лидерство и претприемништво и B2B средби – Размена на знаења од Грција и Cеверна Македонија“, се одржа во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија.

Организатори на настанот беа Амбасадата на Грција во Cеверна Македонија, Општина Гевгелија, Здружението на грчки извозници (SEVE), Грчкото здружение на жени претприемачи (SEGE), како и Здружението на бизнис жени во Cеверна Македонија (ABW). Настанот ги обедини бизнис-лидерите, извозниците и експертите од двете земји за да истражат нови можности за соработка во клучни сектори, како што се градежништвото, прехранбената индустрија, фармацијата и новите технологии. Настанот опфати панел дискусии, вмрежувања и билатерални средби насочени кон поттикнување на заедничкиот економски раст и партнерство.
Амбасадорката на Грција во Cеверна Македонија, г-ѓа Софија Филипиду, изјави: „Претприемништвото е многу повеќе од само градење бизнис — тоа бара визија, креативност, страст, упорност и креирање нови синергии и врски меѓу луѓето и местата. Успешното претприемништво бара соработка на повеќе нивоа и тимска работа за да се претворат идеите во производи кои ќе имаат влијание врз пазарот – локално, регионално и глобално. За Грција и Cеверна Македонија, идните производи и бизниси што ќе произлезат од претприемничките потфати ќе служат за поттикнување на економскиот раст и ќе имаат позитивно влијание врз двете соседни земји.“
Фото: Амбасада на Грција во Cеверна Македонија