
Владата секогаш ќе стои во заштита на македонскиот јазик, идентитет и историја, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во одговор на прашање од пратеникот Реџеп Исмаил за заклучоците од работата на Мешовитата комисија за образовни историски прашања со Бугарија.
Муцунски во одговорот рече дека можеби е случајност „координираниот напад кон него од бугарскиот копретседавач со Комисијата Ангел Димитров и пратеникот“.
– Сосема изненадувачки за мене е што во рок од неколку дена прашањето за работата на мешовитата комисија и политички напад врз мене насочи копретседавачот од бугарска страна, Ангел Димитров, и вие. Можеби е случајност, коордиоиниран напад кон МНР од Ангел Димитров и Реџеп Исмаил. Некои велат во политиката не треба да верувате во случајност но јас ќе одберам добра верба дека ова е случајно координиран напад, рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата повтори оти верува дека Комисијата треба да биде водена од поединци кои импутот кој ќе го внесат е базиран на нивни научни познавања, знаења и факти и оти секој политички одговор што тој би го дал би се сметало како влијание врз Комисијата.
– И од таа гледна точка верувам дека Комисијата во овој состав ќе продолжи да работи независно базирано на факти. Кога цените како се поставила нашата надворешна политика ќе видите дека секогаш велиме дека не сме за отстапки по секоја цена и дека клучно прашање кога го земаме во предвид одлучувањето во однос на сите политочки прашања поврзани со Бугарија се зашитата на македонскиот идентитет, културна посебност и историја. Точно е дека од другата страна на границата постојат поединци кои сакаат да ја негираат нашата историја, идентитет и јазик, но затоа гледате дека ние повеќе од година и половина сме цврсто поставени по однос на овие позиции. А по однос на работата на Комисијата таа треба да работи исклучиво врз основа на факти и аргументи и целосно независна и оттргната од влијанието на политиката. Во таа смисла секој политички одговор што јас би го дал би се сметало како влијание врз Комисијата, рече Муцунски.
Смета, како што дополни, „дека Димитров често го прозива сакајќи да го провоцира, да даде некоја политичка констатација за потоа да рече – еве ја македонската Влада директно се меша во академската слобода и независност“.
– Верувам дека тоа не било вашата намера, дека сте биле доборнамерен и ве интересира какви се позициите на Владата. Еве ви велам Владата секогаш ќе стои во заштита на македонскот идентитет, јазик и историја, истакна Муцунски.

Македонски









