
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, презентираше денеска пакет нови мерки што ги оквалификува „за подобрување на животниот стандард на граѓаните“. Вучиќ најави значително зголемување на платите и пензиите, но не сакаше да ги наведе прецизните проценти, наведувајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана за тоа.
Според него, 377 милиони евра ќе бидат издвоени за помош на пензионерите. Пензионерите со минимални приходи, како и оние кои немаат 15 години стаж или старосна пензија, ќе добијат еднократна помош од 35.000 динари. Останатите – според висината на пензијата – еднократна помош од 27.500 динари, односно 20.000 динари. По 25.000 динари ќе добијат еднократно и корисниците на социјална помош.
Тој најави и 30.000 туристички ваучери од по 10.000 динари за пензионери кои примаат пензија до 80.000 динари.
Вучиќ денеска ги презентираше мерките за намалување на трошоците за лекови за сите граѓани кои примаат редовна терапија, наведувајќи дека со нив, според проценката на државата, ќе бидат опфатени 2,5 до три милиони граѓани.
Ќе има две мерки – првата се однесува на намалување на доплатата што граѓаните ја плаќаат за лекови, која ќе биде ограничена на една година, како и на нова група лекови на рецепт за кои државата презема дел од трошоците.
Тој изјави дека државата купила 10 мобилни амбуланти, кои чинеле околу два милиони евра, и дека е во тек постапка за набавка на уште 15 мобилни амбуланти и пет мобилни аптеки, во вредност од околу четири милиони евра.
Меѓу приоритетните задачи во иднина, тој ги наведе отворањето нови дата-центри во Србија, заедно со обезбедувањето на електроенергетскиот систем, изградбата на нови гасни електрани и хидроелектрани, како и мали и големи нуклеарни централи, бидејќи, како што истакна, „електричната енергија ќе биде најважниот капитал во земјата“.

Македонски



