
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, по повод првото издание на „Балканската платформа за мир“ во Истанбул истакна дека за Турција, Балканот не е само стратешки важен, туку претставува и приоритетен регион исполнет со културни и човечки врски.
Стабилноста на Балканот е од исклучителна важност, пред сè за Европа, но и за мирот и безбедноста на соседните региони, изјави Фидан на прес-конференција.
Фидан беше домаќин на првата средба од новата иницијатива, на која учествуваа министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и заменик-министерот за надворешни работи на Албанија. Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествуваше на средбата.
Фидан нагласи дека Балканот претставува стратешка раскрсница која ги поврзува Европа, Блискиот Исток, Медитеранот и Црното Море, потсетувајќи на историјата на регионот во политички, економски и безбедносен контекст.
Веруваме дека трајна стабилност на Балканот може да се постигне само преку засилена соработка и дијалог меѓу самите земји, врз основа на принципот на регионална одговорност, рече Фидан.
Тој објасни дека „Балканската платформа за мир“ има за цел да изгради функционална и ефикасна структура која ќе поттикнува искрен дијалог и редовна комуникација меѓу државите во регионот.
Фидан посочи дека платформата е замислена како форум кој ќе го поврзува терминот „Балкан“ не со поделби, туку со соработка и солидарност, а ќе придонесува за мир и просперитет и во регионот и во соседството.
Наша цел не е да ги замениме постојните механизми, туку да ги поддржиме, особено во контекст на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Не можеме да ја оставиме нашата иднина на случајност или во рацете на другите, изјави турскиот министер, додавајќи дека учесниците разговарале за политичкиот развој, енергетската безбедност, регионалната поврзаност, соработката и градењето капацитети.