
Иако е само почеток на октомври, на Златибор утрово владее вистинска зимска идила, прикажана на камерите. Дебел слој снег го покри Кралев плоштад, а минувачите веќе излегуваат да прошетаат по снегот.
На Златибор досега падна околу 29 сантиметри снег, а снег има и на магистралниот пат Ужице-Златибор, кај свртувањето кон Чајетина.
Покрај проблемите со снегот, голем дел од потешкотиите ги предизвикуваат и искршените дрвја, истакна раководителот на службата за патишта од Ужице, Ален Мушановиќ.
„Снегот е влажен, мокар, тежок, како што народот вели – ‘лут’. Многу дрвја се искршени, па нашите екипи се во акција за сечење. Затоа советуваме возачите да не тргнуваат на пат со летни гуми на надморска височина над 800 метри, поради појава на поледица“, рече Мушановиќ за РТС.
Авто-мото сојузот на Србија (АМСС) денеска соопшти дека во повисоките предели на јужна, југозападна и централна Србија, во области како Пештер, Голија, Златибор, Златар и Копаоник, возењето ќе биде отежнато поради снежни врнежи проследени со ветер и поледица. Видливоста ќе биде намалена и поради дожд, влажни коловози и ниска облачност на превојите, како и на пониските предели.
Снегот го заврза и Врање, каде на снимките од социјалните мрежи се гледаат крововите и околината целосно побелени.
На Копаоник снежниот покрив достигна висина од 45 сантиметри, дува силен ветер со брзина од 54 километри на час, а температурата падна на минус четири степени. Пристапот од правецот на Брус е прооден, но под товарот на влажен снег патот е затрупан со искршени дрвја, па сообраќајот тече бавно и со претпазливост.
Покрај планинските предели, снег падна и во градските средини, каде изненади жителите на Краљево со белите покривки во центарот на градот. Во околината на Краљево снегот формира дебел слој, а патиштата и нивите се замрзнати, па се препорачува возење со голема претпазливост. Во повисоките предели, како Рудно и Гоч, снегот достигнува и до 20 сантиметри.
На магистралниот пат Иванјица – Сјеница, дрвјата паѓаа на коловозот поради снегот. Истовремено, се изведуваат и работи на рехабилитација на патот, што дополнително ја отежнува сообраќајната ситуација.
Апелираме до возачите да патуваат само со зимска опрема и со зголемена претпазливост. Возете полека и без брзање, безбедноста е на прво место, порачаа од локалните служби.
Во Куршумлија, снегот го покри селото Космача со дебел снежен слој од над 30 сантиметри. Според информации од „Блиц“, селото во моментот е без електрична енергија.