Skip to main content

Мицотакис и Моди изразиле волја за дополнително продлабочување на односите меѓу Грција и Индија

Заедничка волја да се искористи актуелниот позитивен моментум за дополнително продлабочување на соработката, особено во областите на одбраната, поморството и бродоградбата, како и во инфраструктурата, изразиле премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и премиерот на Индија Нерендра Моди на нивната денешна средба ви Њу Делхи, информираа од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на средбата на маргините на Самит за вештачката интелигенција (India AI Impact Summit) двајцата лидери, според истите информации, направиле сеопфатен преглед на билатералните односи и го потврдиле одличното ниво на соработка, две години по официјалната посета на Мицотакис на Индија и две и пол години по посетата на Моди на Атина, „која ја означи надградбата на односите меѓу Грција и Индија во стратешко партнерство“.

Грчкиот премиер повторил дека Грција, поради географската положба и инфраструктурата, може да биде порта на Индија кон Европа, истакнувајќи ја подготвеноста на Атина да учествува во економскиот коридор Блиски Исток – Индија – Европа (IMEC).

Разговарале и за трговскиот договор меѓу Европската Унија и Индија и перспективите што ги отвора, при што Мицотакис му честитал на Моди за договорот, оценувајќи го како „единствена можност за зајакнување на економските и геополитичките врски меѓу ЕУ и Индија во услови на неизвесна меѓународна конјуктура“.

На средбата биле разгледани и најновите случувања во Украина, а двајцата лидери размениле мислења и за развојот на вештачката интелигенција.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од вчера е во дводневна посета на Индија каде што учествуваше на Самит за вештачката интелигенција (India AI Impact Summit), на кој меѓу другото истакна дека „ако вештачката интелигенција се распределува правично, ако се модернизира државата за да биде во чекор со технологијата и ако се изградат доверливи партнерства што ја прошируваат иновацијата наместо да ја фрагментираат, тогаш ВИ навистина ќе може да им служи на луѓето, да го поттикнува напредокот и да ја штити планета“.

Поврзани вести