Во албанскиот приморски град Валона, во областа „стара плажа” пронајдени се десетици угинати птици.
По добиената информација од жителите од областа, стручни лица од ветеринарната служба пристигнаа и земаа мостри кои ги испратија на анализа до Институтот за безбедност на храна и ветеринарство во Тирана. Одговорот се очекува за три дена. Сепак основано се сомневаме дека причина е птичји грип, соопштија од ветеринарната служба.
Додаваат дека за да се елиминира ширењето на грипот, птиците биле уништени.
Посочуваат дека ризикот од преминување на вирусот кај луѓето е мал и оти преносот се јавува преку контакт со болни птици.
Претходно во земјата беа регистрирани две жаришта со птичји грип во фарми со живина.