
Нема да има никакво зголемување на цените на билетите за траект, ниту сега, ниту во текот на летниот период, порача министерот за поморство на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Денеска стапија во сила новите регулативи на ЕУ кои наметнуваат дополнителни трошоци за бродските компании, поради употребата на поеколошки горива, со што имаше најави дека билетите за траекти ќе бидат поскапи, но грчката Влада за да ги задржи цените на исто ниво ги намали пристанишните такси за 50 отсто.
– Од денеска, 1 мај, цените на билетите за траекти ќе се зголемеа, но ние ги намаливме пристанишните такси за 50 отсто и ги одржавме ниските цени на билетите за да може секое грчко семејство да патува до нашите острови, напиша Кикиљас на социјалните мрежи.
Паралелно објави и податоци и споредби на цените, сега и во случај билетите да беа поскапи за 12 или 15 отсто.
Билетот за градот Ираклио на Крит е 41 евро, а доколку се воведеа зголемувањата ќе чинеше 45,92 или 47,15 евра, за Санторини од 59, ќе се зголемеше на 66,08 или 67,85 евра, а за Карпатос од 93 евра колку што е сега, ќе беше 104,16 или 106,95 евра.