
Лидерите на двете најголеми политички партии во Албанија, Сали Бериша на опозициската Демократска и Еди Рама на владејачката, Социјалистичка партија, попладнево објавија дека изборната кампања официјално ја почнуваат на 11 односно 12 април.
Преку видео споделено на социјалните мрежи, лидерот на Демократската партија Сали Бериша ги повика албанските граѓани да се приклучат на Демократската партија и “Алијансата за величествена Албанија” на плоштадот „Мајка Тереза“ во Тирана.
“11 април, 19:00 часот на плоштадот „Мајка Тереза“, го започнуваме патувањето кон големата победа! Демократската партија и “Алијансата за величествена Албанија” ве покануваат да ни се придружите во започнувањето на кампањата и патот до победа, стои во пораката.
Демократската партија предводи изборна коалиција во која се уште 25 помали политички партии, меѓу кои и Партијата на слободата на Илир Мета и партијата на грчкото малцинство на Вангел Дуле.
Социјалистичката партија ќе ја отвори кампањата за општите избори на 12 април, со митинг на плоштадот “Скендербег”.
Преку статус на својата Фејсбук страна, Рама го поврзува датумот 12 со 12-те ѕвезди на Европа и целта за Албанија во ЕУ во 2030 година.
„На 12 април, од 12 окрузи опкружени со 12 ѕвезди на Европа во 12 часот, нашето големо политичко семејство ќе се собере на плоштадот Скендербег на празнична средба за Албанија во ЕУ во 2030“, пишува Рама.
Социјалистичката партија на изборите единствено коалицира со партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција, на Васил Стерјовски.
Албанскиот законодавниот дом брои 140 пратеници, од нив според изборниот законик загарантирани се 92 места, по 46 за двете најголеми партии, Социјалистичката и Демократската, која отстапи дел од пратеничките места на помалите партии со кои е во изборна коалиција.
За останатите, 48 пратенички места, на отворените листи, за кои ќе се гласа на 11 мај, во трка се 2046 кандидати на 11 политички партии и коалиции.