Skip to main content

Аеродромот во Тирана продолжува да урива рекорди, во првиот квартал регистрирани околу 2,1 милиони патници

Фото: Freepik

Меѓународниот аеродром во Тирана (ТИА) продолжува со трендот на зголемување на бројот на патници, кои ги користат неговите услуги, но и на транспортот на стоки.

Тоа го потврдуваат податоците на државниот Институт за статистика (ИНСТАТ), според кои во првиот квартал од годинава регистрирани се  2.083.050 патници, наспроти над 1,9 милиони патници или 9,1 отсто повеќе, споредено со истиот период минатата година.

Освен албански, услугите на аеродромот, во голем број, ги користат и македонските, косовските и црногорските граѓани.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека во овој период е зголемен и обемот на стока што се транспортира со авион.

Обемот на стоки, вклучително и влезна и појдовна пошта, преку воздушен транспорт изнесува 550,5 тони, од кои 74,5% се влезна стока и 25,5% појдовна стока.

Вкупниот обем на стоки за првиот квартал од 2025 година е зголемен за 10,2%, во однос на првиот квартал од 2024 година. Во овој период во авиопревозот оперирале 19 авиокомпании, од кои 18 странски и 1 албанска.

Според ИНСТАТ, во албанскиот воздушен простор летале 65.146 авиони, од кои 79,5% се прелети.

Поврзани вести