
Актуелниот градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски, е официјален кандидат за градоначалник на општината од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, објави лидерот на СДСМ Венко Филипче на трибината „Мугра на слободата” што се одржа во центарот за култура Крива Паланка синоќа.
Крива Паланка е една од општините која претрпе најголема трансформација во последните години, а тоа е резултат на работата на градоначалникот Сашко Митовски и денес му ја честитам кандидатурата за уште еден мандат, а јас сум сигурен и победата, истакна Филипче.
Градоначалникот Митовски претходно нагласи дека Крива Паланка се претвора во модерен и европски град, еден од најзелените и најчистите градови во Македонија.
Крива Паланка е пример како се води град, како се слушаат граѓаните и како се создава модерна, развиена и европска општина. Во изминатите 3,5 години, во градот се реконструирани над 50 улици, изградени се нови водоводи и канализации, како и 12 нови детски катчиња, со план за уште 5. Уредени се јавни површини, мостови, пешачки патеки, речни корита, а целосно е променет ликот на градскиот кеј. Крива Паланка денес има нов Генерален урбанистички план по речиси 40 години, и првпат функционален модел за долгорочен развој – рече Митовски.
Порача дека со 100% реализација на општинскиот буџет, креиран во консултација со граѓаните, секој денар е вложен таму каде што е најпотребно.
Вложено е во градинки, училишта, спортска инфраструктура, како и во социјална заштита – од директна поддршка за семејства во социјален ризик, до воведување на ваучери за гардероба на лица со попреченост. Отворен е и прв дневен центар за стари лица, а општината финансира и бесплатни летувања за деца од социјално загрозени семејства, додаде Митовски.
Најави и реализација на низа капитални проекти: реконструкција на главната улица, нова монтажна катна гаража со 166 паркинг места, зонско паркирање, продолжување на патот до Калин Камен и нови хотелски инвестиции.
Посебен акцент стави на инфраструктурните проекти од регионално значење.
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, вреден 93,7 милиони евра, е најголемата инвестиција во овој регион, заедно со рехабилитираните патишта до Деве Баир, Црцорија, Узем и Луке, со вкупна вредност од над 120 милиони евра. Ова не се проекти за поединци. Ова се инвестиции за граѓаните. Ова е нашето заедничко дело. А сега следува одлука, рече Митовски.
Градоначалникот посочи дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила Крива Паланка, а напорите за развој продолжуваат исклучиво благодарение на општинската визија и поддршката од претходната влада. Затоа, повика на мобилизација, без поделби и суети.
Крива Паланка нема право на нова грешка. Сега не е време за експерименти. Сега е време за заштита на сè што сме изградиле и за силен нов чекор напред. Да го направиме вистинскиот избор – избор за труд, за иднина, за достоинство. Да не чекаме – туку уште вечерва, сплотени и обединети, да се вградиме во процесот што ќе значи убедлива победа. Победа што нема да биде ничија лична – туку победа на секој еден граѓанин што верува во правда, во работа и во иднина – заврши Митовски.