Skip to main content

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на ОАЕ

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова
Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.

Пренесувајќи ѝ поздрав од претседателот на Емиратите, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, амбасадорот истакна дека во неговата работа ќе се фокусира на одржување на добрите политички односи, како и проширување и продлабочување на односите во другите сфери.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова рече дека чинот на предавање акредитиви е почеток на ново поглавје во зацврстувањето и натамошното унапредување на пријателските односи, коишто двете земји ги негуваат три децении. Таа го нагласи интересот за интензивирање на соработката на економски, трговски и инвестициски план и изрази верба дека бизнисмените и претприемачите од ОАЕ ќе ги искористат погодностите за инвестирање коишто македонската Влада им ги нуди на странските инвеститори. Подеднакво важна, според неа, е и соработката во: образованието, науката, културата, здравството, туризмот и земјоделството, како и контактите меѓу бизнис заедниците и стопанските комори.

Разговарајќи за меѓусебната трговска размена и директните инвестиции на Емиратите коишто во 2023-та година изнесувале 3,11 милиони долари, Сиљановска-Давкова рече дека економските односи не соодветствуваат на одличните политички релации и двете земји треба да работат на нивно хармонизирање.

На средбата, соговорниците се согласиле дека преку отворање на амбасада на Емиратите во нашата држава, а која би опфатила и неколку земји од регионот, институционално ќе се подобри амбиентот за соработка.

Посакувајќи му успешно извршување на престижната и одговорна амбасадорска функција, преку него претседателката упати покана до претседателот на Емиратите и владетелот на Абу Даби, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан да ја посети земјава.