
Аерозагадувањето претставува сериозен проблем во нашата држава и бара соодветен пристап од сите институции. Притисокот врз Царинската управа како институција која спроведува и врши контроли при увоз, извоз и транзит е огромен бидејќи истовремено треба да овозможиме олеснување и забрзување на трговијата, но и зајакнати контроли се со цел спречување на обиди за царински измами и нелегален внес на забранети стоки, рече Бобан Николовски, директор на Царинската управа во своето обраќање на надзорната расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јaвното здравје“.
Николовски кажа дека бројот на поднесени кривични пријави од страна на Царинската управа до сега е историски највисоко.
Во однос на зајакнатите контроли бројот на поднесени кривични пријави од страна на Царинската управа од ноември до сега на месечно ниво имаме историски најмногу поднесени кривични пријави од 2017 до сега. Годинава до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесени се 85 кривични пријави против сторители за кривични дела при што најголем дел се за царински измами и фалсификувања. Во овој период остварени се 173 случаи на заплени или 84% повеќе од истиот период минатата година кога биле остварени 94 случаи на заплени. Вкупно од почетокот на годината за четири месеци, Царинската управа наплати приходи во износ од 41.2 милијарди денари што е за 4.1% или за 1.6 милијарда повеќе од истата мината година – потенцираше тој.
Имено Николовски порача дека Царинската управа е активна на сите полиња и покажува видлив напредок.
Активни сме на сите полиња, покажување видлив и мерлив напредок за борбата против криминалот споредбено со минатото. Затекнавме демотивирана и успиена Царинска управа при што соработката на национално и меѓународно ниво била сведена на минимум – вели Николовски.
На крај Николовски во однос на аерозагадувањето и заштита на животната средина укажа дека големо значање имаат податоците за анализа на мострите земени од увоз на течни горива во царинската лабораторија. Имено тој истакна дека годинава во царинската лабораторија во постапка за увоз анализирани се 110 мостри од различни видови течни горива и сродни производи и тоа претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на анализирани мостри во споредба со целата 2023 година кога биле анализирани само 48 мостри.
Од аспект на аерозагадувањето и мерките за животната средина особено важно е контрола на увозот на отпад и стоки како и нивното соодветно регулирање преку правните канали. Царинската управа игра една од клучните улоги во овој процес вршејќи контрола над увозот, извозот и транзитот на стоки кои може да придонесат за загадување на воздухот. Во овој контекст имплеметирањето на мерките произлезени од меѓународните договори како и креирање на профили на ризик што за нас како царинска служба е многу битно и зајакнување на разузнавачките мрежи по овој основ се клучни за спречување на увозот на опасни стоки и управување со ризици за аерозагадувањето. Превентивното делување особено во насока на спречување на увозот на стоки кои имаат потенцијално штетно влијание врз животната средина претставува основен аспект на одговорното управување со природните ресурси и заштита на јавниот интерес. Тековното зајакнување на правната и институционалната рамка е не само правна потреба туку и еколошка и здравствена обврска за справување со предизвиците на современото општество. Во контекст на континуираните напори за спречување на аерозагадувањето и заштита на животната средина податоците за анализа на мострите земени од увоз на течни горива во царинската лабораторија покажуваат значително зајакнување на контролите. Годинава во царинската лабораторија во постапка за увоз анализирани се 110 мостри од различни видови течни горива и сродни производи. Ова претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на анализирани мостри во споредба со целата 2023 година, кога беа анализирани само 48 мостри – додаде Николовски.