
Со едноминутно молчење во чест на македонските партизани и положување цвеќе пред спомен обележјето на партизанските гробишта во Бутел денеска во Скопје беше одбележан 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Венец со цвеќе положи владина делегација во состав Владо Мисајловски министер за одбрана, Изет Меџити, министер за животна средина и просторно планирање и Игор Филков, министер за правда, како и делегации од Канцеларијата на Претседателот, од Собранието, Армијата, Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, дипломатскиот кор и други организации.
Заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски во своето обраќање истакна дека 9 мај е круната на македонската идеја за сопствена држава и е денот во кој се остварија сите надежи да бидеме свои на своето, слободни и независни.
На ова место каде историјата во својата тишина зборува најгласно со големо достоинство, длабока и искрена благодарност им се поклонуваме на македонските партизани кои го положија сопствениот живот за освојување на слободата која македонскиот народ и сите народности на овие простори со векови ја посакувале. Тие се темел на нашата држава и нашето достоинство и постоење како народ свесен за својата големина, затоа што Македонците со својата чест, правдољубивост и слободарство во најцрниот период од своето постоење застанаа на вистинската страна заедно со сојузниците и со сите напредни народи спротивставувајќи се на фашистичкиот окупатор, рече Димовски.
Деветти мај, како што рече, претставува заокружување на страдањата и жртвите од илинденската епопеја и сите борби кои ги водел македонскиот народ во својата историја.
Овој ден претставува остварување на нашата идеја за самостојна Македонија, идејата која била главниот мотив за сите македонски учесници во воениот виор и идејата која ги пренела низ сите искушенија, предизвици и битки, рече Димовски и додаде дека тие борци не обврзуваат да го чуваме мирот и да се бориме за правда и еднаквост, како и да ги зачуваме вредностите и придобивките за кои ги положија своите животи.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани посочи дека 9 мај е ден на длабока симболика – победата на фашизмот, но и ден на раѓањето на идејата за обединета и мирна Европа. Вети дека ќе продолжиме да работиме за Европа која е обединета, праведна и солидарна.
Деветти мај е денот кога човештвото одлучи да не се помири со мракот и денот кога жртвата на милиони луѓе ја осветли патеката кон нов почеток, а и ние како држава бевме дел од таа борба. Нашата земја даде свои животи, свои приказни и свои херои. Затоа денеска стоиме токму овде, но не пред обични споменици, туку пред сведоштво на историјата што ја обликуваше суштината на она што денес го нарекуваме слобода. Тука се потсетуваме не само на минатото, туку и на вредностите кои и денеска не обединуваат, рече Муртезани.
Порача дека нашата европска иднина не е декларација, туку е одлука и избор за сојуз што не обединува околу мирот, слободата и правдата.
Европа не е само географски, туку е и морален простор создаден токму поради жртвите како што се хероите на кои денеска им положуваме цвеќе. Светот денеска не е без предизвици има современи облици на нетолеранција, говор на омраза и популизам им се закануваат на вредностите што ги славиме на овој ден, но нашата позиција останува јасна – цврсто стоиме и ќе стоиме на браникот пред какви било обиди да се поткопа мирот, прогресот и слободата дома или било каде во светот, потенцира Муртезани.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека македонските партизани го дадоа својот живот на нашата иднина.
Тоа се херои кои следејќи ги идеалите на нашите илинденци за слободна Македонија, за достоинство, иднина без тиранија го положија својот живот за оваа највозвишена цел. Нивната жртва не е само запишана во историските книги, таа е дел од нашиот идентитет. Ова место за нас е ништо помалку од свето место зашто тука им даваме почит на оние кои помогнаа да се стави крај на ужасите од Втората светска војна, рече Мисајловски.
Тие со својата пожртвуваност, додаде, имаа и несомнен придонес за поставување на темелите и визија за Европа силна и обединета во мир и во единство.
Пред осум децении целиот европски континент беше бојно поле, држави и народи беа разорени, разединети а милиони граѓани страдаа. Но, храброста на сојузниците, вклучувајќи ги и нашите партизани ја врати надежта и беше зрак кон светлина во време на мрак. Од пепелта на војната се роди идеја за обединете Европа не како империја, туку како унија на еднакви каде демократијата, правото и солидарноста ќе не водат напред. Тоа е идеалот што денеска го славиме, нагласи Мисајловски.
Како земја која повеќе од три децении чека да стане член на европското семејство, прецизира, ова е ден на потсетување и ветување.
Потсетува дека слободата не се подразбира, дека правдата, вистината и човековите права не се подарок, тие се избор и борба и ни ветува дека сонот за Европа, целосна, слободна и обединета не е привилегија на историјата,туку одговорност на сегашноста. Ние не бараме скратени патишта, бараме фер пристап и можности, она што е впишано во суштината на Европската Унија да биде единствено мерило за нашата подготвеност да бидеме дел од ова семејство, рече Мисајловски.