
Француските политичари изразија загриженост за брзото темпо на вооружување на германските сили, стравувајќи дека нивната земја би можела да ја изгуби водечката улога во европскиот воено-индустриски комплекс, објавува Политико.
Германската влада планира да го зголеми својот буџет за одбрана на дури 153 милијарди евра до 2029 година, додека францускиот буџет ќе достигне околу 80 милијарди евра во истиот период. Според извештајот, Германија има значително поголем фискален капацитет благодарение на пониското ниво на јавен долг, што ѝ овозможува да инвестира позначајно во одбраната.
Вкупните потреби за модернизација на Бундесверот се проценуваат на околу 400 милијарди евра, а се очекува најголемиот дел од договорите да им бидат доделени на домашни производители.
„Расположението кај француските политичари во моментов е некаде помеѓу претпазливост и чувство на закана. Ќе биде тешко да се соработува со Германијa, бидејќи тие ќе зборуваат од доминантна позиција“, изјави неименуван извор од француското Министерство за одбрана.
Тој додаде, со ироничен тон, дека овој пат Германија нема да мора да ги окупира Алзас и Мозел како во 1940 година, бидејќи „едноставно може да ги купи“.
Како еден од изворите на тензии во односите меѓу двете држави, публикацијата го истакнува проектот на борбениот авион од шеста генерација ФЦАС (Future Combat Air System), кој треба заеднички да го развијат Франција, Германија и Шпанија. Сепак, поради несогласувања меѓу партнерите, проектот е на работ на пропаст. Германија наводно ја разгледува можноста за продолжување на развојот на авионот без Франција – во соработка со Шпанија, или дури и во нова рамка со Шведска и Обединетото Кралство.
„Оваа перспектива го загрижува Париз“, забележува Политико.
Еден функционер на ЕУ го опиша вооружувањето на Германија како „тектонско поместување“. Германија, вели тој, се трансформира од економски мотор на Европа во одбранбено-индустриска сила, додека Франција се стреми да го задржи својот нуклеарен статус, а Полска се етаблира како регионален конвенционален „тешкаш“.
„За Брисел, ова реструктуирање е сериозен тест – дали ЕУ ќе успее да го искористи овој нов моментум за подлабока интеграција или ќе го фрагментира блокот во одбранбениот сектор?“, заклучува публикацијата.

Македонски









