
Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе денеска изјави дека еврејската заедница во земјата е „целосно нескршлива“ по масовното убиство на плажата Бондај во Сиднеј, во кое загинаа 15 лица.
Албанезе присуствуваше на комеморацијата за жртвите во синагога во Сиднеј и истакна дека таа покажала оти „духот на нашата еврејска австралиска заедница е целосно нескршлив“.
Масовното пукање се случи во неделата на плажата во Сиднеј за време на прославата на Ханука што беше најтешкиот инцидент од ваков тип во Австралија во последните 30 години и се истражува како терористички чин насочен против Евреите.
Околу 1.000 спасувачи денеска се вратија на должност на плажата, откако претходно со двеминутно молчење им оддадоа почит на настраданите.
Албанезе вети поостри закони за носење оружје, додека државата Нов Јужен Велс најави нов закон кој ќе биде претставен в понеделник. Со овој закон ќе се забрани истакнувањето симболи и знамиња на терористички организации, вклучувајќи ги Ал Каеда, Исламска држава, Хамас, Хезболах, Ал Шабаб и Боко Харам.

Македонски






