Skip to main content

Завршни подготовки за светското универзитетско карате првенство во Бразилија

На шампионатот се очекува учество на околу 1.500 студенти-спортисти од повеќе од 40 земји, што го прави еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот.

– Нашите каратисти изминатиот период работеа интензивно на техничко-тактичка подготовка, физичка кондиција и психолошка стабилност, со цел достојно да ги претстават македонските универзитети и државата на највисокото светско студентско ниво. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, а спортистите покажуваат висока мотивираност и подготвеност за предизвиците што ги носи светската конкуренција. Настапот во Бразилија претставува можност за афирмација на македонското универзитетско карате и стекнување драгоцено меѓународно искуство – изјави Бошко Заборски.

Очекувањата се македонските претставници да настапат борбено, дисциплинирано и со максимално залагање на татамито, следејќи ги највисоките стандарди на светското карате. Спортистите имаат одлично расположение и покажуваат добра спортска форма за настап на најелитниот натпревар за оваа година. Светското универзитетско првенство се одржува секои две години. Натпреварите ќе се одвиваат според правилата на World Karate Federation, а конкуренцијата ќе биде составена од најдобрите студентски каратисти од сите континенти.

На подготовките присуствуваат следните спортисти од универзитетите: Рудина Алиу (55 кг.), Реса Мустафиу (+68 кг.) и Реџеп Рушити (-84 кг.) – „Мајка Тереза“; Јована Мицовска (-61 кг.), Вукашин Јовановиќ (-67 кг.), Данило Божовиќ (-84 кг.) и Витомир Трајковски – „Св. Кирил и Методиј“; Викторија Јовановска (-61 кг.) и Стефан Стојановиќ (+84 кг.) – Факултет за Туризам-Скопје; Љупче Михаилов (-75 кг.) – „Гоце Делчев“ – Штип.

Покрај селекторот Бошко Заборски, репрезентацијата ќе ја придружуваат и тренерите Иван Тиосавлевиќ (кондициски) и Петар Заборски.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести