
Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер вечерва од 20: 45 часот му гостува на германски Фуксе Берлин во рамки на претпоследното коло во групата А од Лигата на шампиони.
Гостувањето во Берлин за битолскиот состав доаѓа по убедливиот триумф над Алкалоид во македонската Суперлига, како и победата над романски Динамо во Лигата на шампиони.
„Доаѓа Фуксе Берлин и пак ќе бидеме на висина на задачата. Тие се одлична екипа, имаат светски ѕвезди и одиме во Берлин да се обидеме да победиме. Тренерот ќе постави тактика во одбраната и нападот, и мислам дека ќе одиграме на ниво“, изјави ракометарот на Еурофарм Пелистер, Павле Атанасијевиќ пред вечерашниот дуел.
Еурофарм Пелистер е седмопласиран на табелата и само со победи вечерва проитв Фуксе и во завршниот дуел против ПСЖ во Битола ќе може да се надева на пласман во плејофот.
„Не се откажуваме, играме до последна минута и тоа е карактеристика која нè краси. Никој не може лесно да нè победи. Сите сме мотивирани, нешто посебно игра во нашите тела и нема замор. Одиме чекор по чекор, прво Фуксе, па ПСЖ. Најубаво е да се игра пред македонски навивачи. Атмосферата која ја приредија „чкембарите“ и битолчани едноставно те понесува. Убаво е тоа чувство“, истакна Атанасијевиќ