Skip to main content

Грчки АЕК ги пушти во продажба билетите за мечот со Алкалоид

РК Алкалоид

Грчкиот ракометен клуб АЕК, домаќин на првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп, денеска ги пушти во продажба билетите за натпреварот со Алкалоид закажана за в недела што ќе се одигра во „Сунел Арена“ во Атина, а паралелно ги повикаа навивачите на АЕК да ја исполнат олимписката сала и „да го направат првиот чекот кон освојување на вториот европски трофеј во ракомет“, јави дописничката на МИА од Атина.

Билетите, како што соопштија од АЕК, се по цена од 10 и 15 евра во зависност од трибините и по 40 евра во ВИП делот, каде што предвидена е шведска маса и бесплатен паркинг.

Со оглед на тоа што во „Сунел Арена“ во текот на викендот се одигра фајнлфорот на ФИБА Лигата на шампиони, а салата беше исполнета, од РК АЕК посочија дека „дојде време да се сруши уште еден рекорд, полнејќи ја „Сунел Арена“, овој пат за првото европско финале во ракомет на Европскиот куп на ЕХФ“.

АЕК што веќе го освои Купот на Грција оваа година и се стреми кон уште една тројна круна, секогаш постигнува епски подвизи затоа што ве има вас на своја страна. Можевме, за првото финале да резервираме сала со помал капацитет, но целиот тим сакаше да игра во „Сунел Арена“ и сите во АЕК се согласија дека ова големо европско финале заслужува да го видат што е можно повеќе навивачи на АЕК (Унионисти), соопштија од клубот и повикаа да се „исполни секој агол од салата и цела Европа да остане без зборови“.

Натпреварот АЕК-Алкалоид во Атина е закажан за 19 часот по локално, 18 часот по македонско време, а реваншот во Скопје ќе биде една седмица подоцна, на 25 мај во спортската сала „Борис Трајковски“.

Салата „Сунел Арена“ во западниот дел на Атина, изградена за Олимписките игри одржани во 2004 година, а реновирана пред четири години, има капацитет да прими околу 9.000 гледачи, а од 2019 година ја користи КК АЕК за натпреварите во грчката кошаркарска лига, но е приспособена за одржување и на ракометни натпревари.

Поврзани вести