
Во пресрет на најголемиот младински мултиспортски настан на Стариот континент, Скопје и Куманово се во финалната фаза на подготовките за организација на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули оваа година. По тој повод, на 8 и 9 април, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе се одржи традиционалниот Chefs de Mission семинар, каде што претставници од 49 национални делегации ќе имаат можност да се запознаат со организациските аспекти на фестивалот, спортските и логистичките капацитети, како и со самите градови-домаќини.
Како дел од активностите поврзани со настанот, денеска се одржа прес-конференција, на која се обратија Даниел Димевски – Претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Питер Брул – Спортски директор на Европските олимписки комитети (ЕОК) и Лини Халдерсдотир – Претседателка на Комисијата за ЕМОФ при ЕОК и Присутните медиуми имаа можност да добијат преглед на досегашните подготовки и очекувањата од претстојниот фестивал, како и да се информираат за улогата на Chefs de Mission семинарот како клучна пресвртница во организацијата.
Претседателот на МОК, Даниел Димевски, ја истакна важноста на ЕМОФ Скопје 2025 како најголемиот спортски настан во историјата на Македонија и како клучна можност за развој на младинскиот спорт.
Станува збор за исклучително голем настан – најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме речиси 4.000 учесници, вклучително спортисти, тренери, официјални лица и логистички персонал. Во Скопје и Куманово ќе биде присутен целиот европски младински спортски крем, односно младите спортисти кои што ќе бидат најголеми ѕвезди на следната летна олимпијада во Лос Анџелес. Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво. На спортски план, Македонија ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти, а како домаќини имаме загарантирано учество во сите спортски дисциплини. Ова ни овозможува да се вклучиме и во спортови кои дури сега почнуваат да се развиваат кај нас и да лансираме цела нова генерација спортисти на возраст од 15 до 18 години – генерација што ќе созрева во годините што следат. Со тоа, имаме реална шанса да направиме вистински рестарт на младинскиот спорт во државата“, изјави Димевски.
Во пресрет на утрешниот Chefs de Mission семинар, Лини Халдерсдотир од ЕОК ја истакна важноста на ЕМОФ 2025 за Европа и предизвиците со кои се соочува Скопје во подготовката на овој голем мултиспортски настан.
Европскиот младински олимписки фестивал 2025 е исклучително важен настан за Европа, поради што утре и задутре во Скопје ќе бидат присутни претставници од 49 европски земји, кои ќе учествуваат на Chefs de Mission семинарот и ќе имаат можност да се запознаат со организациските аспекти на фестивалот, спортските објекти, транспортот, логистичките капацитети, како и со самите градови-домаќини. Организацијата на овој мултиспортски настан е голем предизвик, а за Скопје претставува екстра предизвик во поглед на борба со времето, бидејќи Олимпискиот комитет на Скопје се прилучи пред само две години, кога го организиравме ЕМОФ 2023 во Марибор“, посочи Халдерсдотир.
Питер Брул од ЕОК ја нагласи исклучителната вредност на ЕМОФ 2025 како сцена за идните олимписки ѕвезди и голема можност за македонските спортисти да се натпреваруваат со европската елита.
Во Македонија во јули ќе бидат присутни исклучително квлаитетни млади спортисти. Од искуството од минатите фестивали, знаеме дека оние што ќе освојат медали на ЕМОФ, во следните години се кандидати за медали на летните олимпијади, што значи дека ќе можеме да уживаме во настапите на идните големи ѕвезди. Ова е извонредна шанса и за македонските спортсити да се натпреваруваат со најдобрите, бидејќи вообичаено за да се учествувате на ваков настан мора да се квалификувате, што воопшто не е лесно. Само со натпревар со најдобрите можете да пораснете“, рече Брул.
Во пресрет на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин и на големиот настан „100 дена до ЕМОФ“, кој ќе се одржи во Ист Гејт Мол на 12 април (сабота). Оваа манифестација дополнително ќе пружи поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, а спортско-забавниот дел ќе вклучи турнири во 3х3 баскет и богата интерактивна програма. Настанот ќе биде одлична можност за младите да се запознаат со олимпискиот дух и да бидат дел од одбројувањето до почетокот на фестивалот.
Ова лето, повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, ќе бидат дел од ЕМОФ Скопје 2025. Натпреварите ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со натпреварите во гимнастика, кои ќе се одржат во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации.