
Со рекорден број учесници утрово стартуваше 21. издание на традиционалниот Виз Ер скопски маратон на кој се пријавени повеќе од 14.000 тркачи во дисциплините маратон, полумаратон (21 км.), штафетна трка и трка на 5 километри.
Како што соопштија организаторите, на годинешниот Виз Ер скопски маратон ќе учествуваат 477 тркачи од 40 држави, а најголеми фаворити за победа се маратонците од Кенија и најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски.
Тркачите учесници во маратонската, полумаратонската и штафетната трка „ЕУ за спорт“ стартуваа традиционално од пред зградата на македонското Собрание во 08:05 часот и ќе се движат по патеката во насока кон Хром.
Оваа година организаторите ја променија локацијата за стартот на најмасовната трка на пет километри на која се пријавени околу 10.000 учесници, кои стартуваа во 08:00 часот, во близина на зградата на Црвен крст, а тркачите ќе се движат во насока кон Аеродром.
Финишот за сите трки е на Плоштад Македонија.
Генерален покровител на Виз Ер скопски маратон е Министерството за спорт.
Поради одржувањето на денешната спортска манифестација, во Скопје на сила е биде посебен режим на сообраќај.
За време на одржувањето на маратонот сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици, при што МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници долж трасите на движење и навремено да го планираат своето движење.