
Поранешниот финалист на Вимблдон, австралискиот тенисер Ник Кирјос, се обврза да настапи на турнирот Кујонг во јануари во Мелбурн, што е знак оти се надева дека ќе може да учествува потоа и на Австралија опен.
Кирјос е надвор од АТП турнирите од март и одигра само шест натпревари во поединечна конкуренција во последните три сезони поради операции на зглобот и коленото.
Австралиецот, сепак, се пријави за настап на егзибицискиот турнир, кој ќе се одржи од 13 до 15 јануари во Мелбурн, непосредно пред почетокот на првиот грен слем турнир во новата сезона.
На почетокот на ноември, финалистот на Вимблдон во 2022 година изјави дека рехабилитацијата по повредата на левото колено се одвива добро и оти може да се надева на „чудо“ за да игра на Австралија Опен (18 јануари до 1 февруари), за што му е потребна посебна покана од организаторите.

Македонски








