Skip to main content

Шкупи не ги исполнил минималните услови за ВАР-системот, ќе мора да бара алтернативен стадион

Freepik

Македонската прволигашка сцена новата сезона која стартува во петок (8 август) ја почнува и со имплементиран ВАР-систем кој за првпат се воведува во Македонија.

Домашните прволигаши ќе може да играат единствено на стадиони кои ги исполнуваат минималните услови за имплементација на ВАР-системот, а кои им презентирани претходно на клубовите и кои мораа да ги исполнат до стартот на сезоната.

Сепак, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на денешната презентација пред медиумите околу функционирањето на ВАР-системот, откри и дека стадионот на Шкупи во Чаир не ги исполнува минималните услови за ВАР, и покрај тоа што претходно од ФФМ било обезбедено се за негова имплементација.

„Веќе е се подготвено за имплементацијата на ВАР-системот, со тоа што сега се останува на клубовите. Но, Шкупи не го исполни својот дел од обврските, не се поставени платформи за камери и климатизирана просторија, што од поодамна им беше предочено на клубот. Минималните услови не се исполнети, што значи дека нема да добијат дозвола да играат на тој стадион. Ќе мораат да си бараат решение“ – истакна првиот човек на ФФМ.

ФФМ помош околу имплементација на ВАР доби и од Македонски Телеком, па на останатите стадиони се подготвено за старт на ВАР во Македонија.

Шкупи во првото коло од новата сезона во ПМФЛ гостува на Шкендија во Тетово. Но, за следното, второ, коло како домаќин ќе мора да бара алтернативен стадион.

Поврзани вести