
Францускиот напаѓач Килијан Мбапе најверојатно ќе го има своето деби на Светското клупско првенство во осминафиналната пресметка на Реал Мадрид против Јувентус, јавија денеска светските агенции.
„Постои голема веројатност“, рече тренерот на Реал, Чаби Алонсо, на прес-конференцијата на која одговараше на новинарско прашање дали Мбапе, кој ги пропушти сите три натпревари во групната фаза поради акутен гастроентеритис, ќе биде во составот.
Реал за дуелот против Јувентус ќе биде посилен и за Дани Карвахал и Едер Милитао, кои, исто така, закрепнаа од повредите.
„И Дани и Едер се вратија по долго закрепнување. Позитивно за нив и за целиот тим е да чувствуваат дека се блиску“, рече Алонсо.
„Во оваа фаза, секој – стартер или резерва – има важна улога“, додаде стратегот на Реал.