
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ги пофали своите млади играчи кои му помогнаа на повредениот мадридски гигант да ја победи Мајорка со 2-1, благодарение на драматичниот победнички гол на централниот дефанзивец на академијата, Хакобо Рамон, во петтата минута од судиското продолжение.
Победата ги забави прославите на титулата на Барселона и ги одржа живи слабите надежи на Реал, но иако имаат уште два натпревари, тие се четири бода зад лидерот Барса, кој има натпревар помалку и ќе ја освои својата 28-ма титула во Ла Лига во четврток ако го победи градскиот ривал Еспањол.

-Не се откажавме иако имавме 12 повредени играчи, што ретко се случува. Натпреварот беше добиен благодарение на добриот став на тимот и играчите кои влегоа и играа добро. Никогаш не сум видел тим да шутира 40 пати кон голот како што направивме ние денес. Покривме толку многу отсуства со исклучителен напор од сите играчи кои стапнаа на теренот денес. Да го правевме тоа во повеќе натпревари со ист став во текот на сезоната, ќе имавме подобра сезона, изјави Анчелоти на прес-конференцијата по мечот.
Анчелоти во понеделник потврди дека ќе го напушти Реал Мадрид на крајот од сезоната за да ја заземе испразнетата позиција во бразилската репрезентација. Сепак, Италијанецот рече дека неговиот фокус ќе биде во шпанската престолнина до 26 мај, кога ќе патува во Рио де Жанеиро за да ја започне својата нова улога со петкратните светски шампиони.
-Секогаш кога сум седел на клупата на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, тоа секогаш било посебно за мене. Заминувам со мир во душата и со сознанието дека го направив она што морав, дека мојот тим се обидува да победи до последен момент, како што направивме денес. Правиме што можеме и ќе видиме што ќе се случи. Тие (Барселона) мора да изгубат, но сè може да се случи. Ќе се бориме, додаде Анчелоти.