
Поранешната германска фудбалска ѕвезда и поранешен член на управата на баварскиот гигант Баерн Минхен, Оливер Кан, не успеа во обидот да го купи францускиот клуб Бордо, јавија денеска локалните медиуми.
Според истите извори, како што пренесува Дпа, сопственикот на Бордо, Жерар Лопез, наводно ја одбил понудата на Кан бидејќи поранешниот голман не понудил доволно солидни финансиски гаранции.
Клубот од југот на Франција долго време има сериозни финансиски проблеми. Претходно оваа недела, Бордо јавно откри дека имаат проблеми да најдат нов инвеститор.
Бордо, чиј дрес во минатото го носеа еминентни фудбалери како Зинедин Зидан, Ален Жирес и Биксенте Лизаразу, од минатата година е во банкрот, со долг од над 100 милиони евра. Поради финансиските тешкотии клубот мораше да се пресели во четвртиот ранг на францускиот фудбал.