
ФИФА првпат во историјата ќе им додели шампионски прстени на победниците на Светското првенство, а истовремено ќе ги понуди и на навивачите како ексклузивен колекционерски производ.
Освен традиционалните златни медали, фудбалерите на победничката репрезентација од финалето меѓу Шпанија и Аргентина ќе добијат и прстени по примерот на американските професионални спортови.
Таквата практика со децении е дел од НФЛ, НБА, МЛБ и НХЛ, но досега никогаш не била применета на Светско првенство.
Според проценките, доколку вредноста биде слична на шампионските прстени во НБА, нивната цена може да се движи од 10.000 до 150.000 американски долари.
Прстените ќе бидат изработени од злато и украсени со скапоцени камења, а секој ќе биде персонализиран според идентитетот на новиот светски шампион. Од едната страна ќе се наоѓа трофејот на Светското првенство, а од другата ќе бидат изгравирани детали поврзани со победничката репрезентација.
ФИФА ќе изработи вкупно 2.026 нумерирани прстени, симболично според годината на Мундијалот.
Од нив, 30 прстени ќе бидат доделени на членовите на шампионската репрезентација, додека 1.996 примероци ќе бидат пуштени во продажба како официјално лиценциран производ за навивачите ширум светот.
„За првпат во историјата на натпреварувањата на ФИФА, победниците ќе добијат специјално изработени шампионски прстени, со што една од најпрепознатливите американски спортски традиции ќе стане дел и од светскиот фудбал“, соопшти ФИФА.
Организацијата наведува дека секој прстен ќе биде уникатно нумериран, што дополнително ќе ја зголеми неговата колекционерска вредност.
Воведувањето на шампионските прстени многумина го оценуваат како уште еден комерцијален потег на ФИФА на Мундијалот во САД, Мексико и Канада. Турнирот веќе беше критикуван поради високите цени на билетите, храната, пијалаците и сувенирите, а воведените паузи за хидратација овозможија и дополнителен простор за телевизиско рекламирање.

Македонски


