
Натпреварот од 2. коло на Прва македонска фудбалска лига меѓу екипите на Шкупи и Силекс, закажан за утре во 17 часот, нема да биде одигран, соопшти Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Причината за неодигрување на натпреварот е необезбедување соодветен домашен терен од страна на клубот, домаќин.
Комисијата за натпревари на ФФМ на првиот нареден состанок ќе расправа за случајот и ќе донесе соодветни мерки согласно пропозициите за натпреварување.
– ФФМ во изминатиот период покажа целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓа клубот. Оставивме и повеќе од доволно време за да се пронајде соодветно решение. Направивме сè од своја страна, сите клубови да имаат регулирани услови на почетокот на сезоната. Но, доколку управата на клубот нема капацитет да ја извршува својата работа и обврски, тогаш одговорноста не може да биде префрлена на ФФМ, туку единствено на раководните лица на клубот.
Воедно, ФФМ укажува дека во изминатите денови, управата на ФК Шкупи неточно праќаше информации во „Куќа на фудбалот“ за четири различни стадиони на кои наводно ќе го одигра натпреварот, со што дополнително создаде погрешна слика за состојбата. ФФМ е должна да ги почитува пропишаните регулативи и тоа ќе го прави во целост. Се надеваме дека ФК Шкупи ќе ја надмине актуелната состојба и наскоро ќе создаде услови за нормално одвивање на натпреварите, стои во соопштението на ФФМ.
Евентуален службен пораз за Шкупи на два натпревара ќе значи и усклучување од ПМФЛ.