
Весна Писаровиќ на 28 март ќе одржи ексклузивен концерт во Скопје. Хрватската музичка ѕвезда ќе настапи за првпат пред македонската публика на сцената на Македонската филхармонија во Скопје. Со својот препознатлив глас, харизма и искрена емоција, Весна ќе ги оживее своите најголеми хитови – „Да знаш“, „Јутро доноси крај“, „Сасвим сигурна“ – како и многу други песни што го обележаа нејзиниот музички пат.
Публиката ја очекува вечер исполнета со врвна музика, носталгија и силни емоции – концерт што ветува незаборавно искуство и атмосфера што ќе се памети долго. Македонска филхармонија, Скопје 28 март 2026 (сабота) Овој ексклузивен музички настан е во организација на EVENTUM. Весна Писаровиќ во Скопје – вечер исполнета со емоции што не се забораваат, велат организаторите.
На 28 март доаѓате во Скопје. Ова е Ваш прв настап во Македонија, а ќе настапите на сцената на Македонската филхармонија. Ви се допадна ли салата? Што подготвивте за публиката?
Многу се радувам на овој мој прв настап во Скопје. Пред четири години се вратив во Хрватска и во тој период не пеев популарна музика туку само џез. Публиката може да очекува одличен бенд на сцената. Пред неколку години во Загреб ги собрав најдобрите музичари што ги има Хрватска и тие доаѓаат од Сплит, Њујорк, Пула и Загреб. Ќе пееме два часа, речиси 25 песни, ќе има и балади и забавни песни. Песните малку ги реаранжирав, како што вели Јосипа Лисц, важно е да се менува амбалажата, така што овојпат амбалажата е осовременета, сега ги пејам и со поинаков став.
Ја посетивте салата на Македонската филхармонија. Ви се допадна ли?

Морам да потенцирам дека не само што доаѓам прв пат во Скопје, туку доаѓам и во најубавата сала која ја имате. Салата и уметнички и акустички овожможува уживање и на оној кој гледа и на оној кој е на сцена.
Владо Јаневски ќе биде гостин на концертот. Имате дуетска песна „Љубав је моја религија“ од пред две децении, и Вие, пак, бевте дел од албумот на Јаневски, „Повторно се заљубувам во тебе“ од 2006 година. Дали ќе чуе некоја нова заедничка песна публиката на 28 март?
Од сите мои колеги пејачи од естрадата Владо Јаневски е еднинствениот со кого контактираме, имаме колегијален однос низ годините. Тој пред се е уметник, но истовремено е и голема и скромна личност и тоа многу ми се допаѓа кај него. Пред 20 години ми се јави да ја снимиме „Љубовта е моја религија“ и веднаш се согласив, но бргу потоа престанав со поп музика и почнав да студирам џез. И сега по 20 години го повикав како гостин, а ќе смислиме и уште нешто убаво да подготвиме за публиката.
Вашиот препознатлив глас ги одбележа 2000-тите години. Потоа следуваа неколку години музичка пауза и живот во Берлин, каде се посветивте на џез музиката и настапувавте на престижни европски сцени…Како дојде до овој пресврт?
Не дојде случајно до тој пресврт. Долго време барав музички одговор кој не е само по, ниту она што само го знам или само тоа што го пејам. За мене музиката не е работа, за мене музиката е мојот живот. Тоа е повик и јас не се гледам на ниту едно друго места освен во музиката, иако сум професорка по хрватсли јазик, но никогаш не се гледав како предавач. Не бев среќна со фактот дека имам 25-26 години и дека единствено што може да расте е мојата популарност, но не и моето знаење, и музиката, и јас сама и гласот. Не знаев дали би било тоа мјузикл, дали студирање на нешто и тогаш бев н концерт на саксофонистот Питер Бротсман во Берлин во еден џез клуб и имав катарзичен момет. Толку ме допре тоа што тој го свиреше што почувствував нешто што дотогаш го немав почувствувано. Тоа беше џез, тое беше слобода, тоа беше тон, тоа беше став, тоа беше сигурност…тоа беше апсолутна слобода. И та ноќ одлучив да студирам џез. Прво мислев дека ќе студирам само една година во Хаг, но на крајот одлучив да останам две години, а потоа во Лондон магистрирав џез и потоа во Берлин настапував на сцена со џез. Сега е поинакво чувството, немам чувство дека му е мала музиката, дека ми е мал гласот, сега чувствувам дека е време да снимам поп албум
Бевте претставник на Хрватска на Евровизија. Какво беше чувството тогаш, но и какви Ви се впечатоците од оваа дистанца? Ја следитите ли сега?
Евровизија не е повеќе она што беше. Таа сега е место на некаков политички став, економски став што една држава го има кон тој натпревар. Така што тоа не е повеќе, организиациски гледано една невина приказна на која еден изведувач ја претставува својата земја во три минути. И хрватската песна која оваа година е избрана да ја претставува земјата е интересна, но политички не е невина и тоа не ми се допаѓа. Мислам дека уметникот, музичарот мора да има став, но една таква манифестација дефинитивно не е повеќе она што беше.
Завршивте основно музичко училиште, не го фативте уписот за гитара, но изучивте свирење флејта, пеевте во хор, но дипломиравте книжевност и стекнавте титула професор по хрватска литература и книжевност …Зошто се одлучивте токму за тој факултет?
Многу рано требаше да потпишам договор со „Кроација рекордс“ на 15 години бидејќи уште тогаш настапив на некои телевизиски емисии каде ме забележаа некои менаџери, но мајка ми тогаш не го дозволуваше тоа. Сметаше дека прво треба да завршам со образованието, па потоа кога ќе бидам доволно зрела, секогаш може да дојде музиката. Јас имав среќа, сепак на крајот да се занимавам со музика, имам среќа што на време се запишав на го надградив моето музичко образование. За класичните музичари не е таков случајот, тие мора да имаат рана едукација и континуитет. Книжевноста можам да кажам беше мојата трета љубов, втора љубов беше фонетиката и доста од знаењето од фонетиката го аплицирам на пеењето, особено сега кога пејам џез. Успеав некако сите мои алтернативи низ животот да го соберам и да функционираат за мене.
Дали работевте некогаш како професорка по книжевност?
Само на пракса. И тоа истата година кога победив на фестивалот „Дора“. Таагодина во мај имав седум дена пракса во средно училиште и тоа во машко училиште, во техничко. Им го предавав Петрарка и беше многу смешно. Имав 22-23 години, бев позната пејачка со неколку хитови зад себе и им го предавав на машки клас Петрарка. И денес се случува некој од учениците од тој клас да дојдат на концерт, да ми се доближат и да ми речат: Вие мене ми предававте во средно училиште.
Долго време живеете во Берлин. Како го доживувате?
Берлин е град од соништата за музичарите. Тоа е мултинационален град, каде доаѓаат музичари од целиот свет да се најдат на сцената. Има разни сцени-џез, традиционални, сцени за електро музика…За мене животот во Берлин беше како некаков Луна пар бидејќи секоја вечер одев на некој концерт. Се случуваше да не можам да одлучам на кој концерт да одам бидејќи имаше по 13 во една вечер. Некогаш по цел ден ќе вежбав, а потоа одев на концерт и запознавав нови музичари.
Од друга страна Берлин може да биде многу суров. Немаш многу пари. Секој град е убав кога имаш многу пари, но кога се занимаваш со џез тоа е многу мали хонорари. Колку да си го платиш патот до клубот и назад. Од една страна беше тешко, бидејќи тогаш не пеев поп и живеев од она што ќе заработам пеејќи џез или давав часови по пеење, но бев среќна.
разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива

Македонски



